Во текот на изминатото деноноќие, до 7:30 часот утрово, во земјава биле регистрирани вкупно 16 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи.
Според информациите на ЦУК, активни пожари во моментов нема. Два пожари се ставени под контрола, додека останатите 14 се целосно изгаснати.
Под контрола се пожарот во селото Белица, на местото викано Кајорец, во Општина Македонски Брод, кој се проширил кон Јасен во Општина Сопиште, каде што гореле нискостеблеста и мешана шума, како и пожарот на потегот Рапеш – Маково во Општина Новаци, каде што била зафатена сува трева и нискостеблеста вегетација.
Изгаснати пожари биле регистрирани во Раовиќ во Општина Сарај, на три локации во Општина Бутел – улиците Алпи и Боро Менков и на патот кон Љуботен, како и во Мралино во Општина Илинден.
Пожари имало и на улицата „Вера Циривири“ во Велес, кај Криволак во Општина Неготино, во Враништа и Мислешево во Општина Струга, во Средоречје во Општина Охрид, како и на депонија во Валандово.
На подрачјето на Струмица пожарот меѓу селата Еднокуќево и Моноспитово бил изгаснат, како и пожарите во Обршани во Општина Кривогаштани и на местото Житошки Рид кај Норово во Општина Крушево, каде што била зафатена нискостеблеста вегетација и нискостеблеста дабова шума.