Регион

Пет пати поскап данок за македонски „газди“ на имот во Грција

Стапката за физички лица од земји надвор од ЕУ без статус на долгорочни жители ќе скокне од 3 на 15%, па за стан од 200.000 евра данокот ќе порасне од 6.000 на 30.000 евра

Македонските граѓани што планираат да купат стан во Грција ќе се соочат со значително повисок данок.

Стапката за физички лица од земји надвор од ЕУ без статус на долгорочни жители ќе скокне од 3 на 15%, па за стан од 200.000 евра данокот ќе порасне од 6.000 на 30.000 евра, пресмета „плусинфо

Со дополнителната давачка за локалната самоуправа, вкупното даночно оптоварување практично ќе изнесува 15,45%, наместо сегашните 3,09%.

Новата стапка нема да почне да се применува веднаш. Грчките власти го одредија 1 јули 2027 година како датум за старт, оставајќи дополнително време за трансакциите што веќе се во тек.

Тоа може да биде важен детал и за македонските граѓани што веќе преговараат за стан во Грција.

„Прото тема“ пишува дека пазарот очекува забрзување на трансакциите пред новата стапка да почне да важи, иако преодните одредби треба дополнително да се прецизираат во законската постапка.

Промената е насочена кон купувачите од т.н. трети земји. Македонските државјани влегуваат во оваа категорија бидејќи Македонија не е членка на ЕУ или Европскиот економски простор.

 

Најнови вести од: Регион

To top