По поскапувањето на дизелот за 104,5 денари во малопродажба, се огласи заменик-министерот за економија Марјан Ристески, кој вели дека Македонија и натаму ги има најниските цени на горива во регионот.
- Мерките на Владата даваат резултати, Македонија со најниски цени на горивата во регионот. Во Македонија литар бензин 95 се продава за 99 денари, а цените во регионот се од 5% до 30% поскапи, најскапо во Грција.
Во Македонија литар дизел е 104,5 денари и во регионот е поскапо од 11 % до 40,5% во Албанија. Ова се реалните цели на горивата во Македонија и во регионот, македонските граѓани трошат помалку за да ги наполнат своите резервоари на возилата и со тоа им останува повеќе во нивните семејни буџети. Ова е доказ дека добро испланираните и променети мерки за намалување на цените, како што е намалување на ДДВ и акцизите, даваат резултати и ги држат под контрола малопродажните цени“, напиша Ристески на социјалните мрежи.
Поскапувањето на дизелот и неизвесноста на енергетските пазари повторно ги отворија прашањата за цените на горивата, струјата и влијанието врз семејните буџети. Додека Владата и ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека преземените мерки даваат резултати, опозициските партии СДСМ и ДОМ предупредуваат на нов бран поскапувања и растечкитовар врз граѓаните.
Од СДСМ предупредуваат дека поскапиот дизел ќе влијае врз транспортот, земјоделството и цените на храната, што може да предизвика нов бран поскапувања на основните производи. Опозицијата посочува дека граѓаните се соочуваат со повисоки трошоци, долгови и стравувања од нов раст на сметките за струј, додека, според нив, поединци остваруваат милионски профити.
И од партијата ДОМ сметаат дека сегашниот модел на функционирање на енергетскиот сектор овозможува милионски профити за дел од сопствениците на соларни и ветерни паркови, додека трошоците ги плаќаат граѓаните преку сметките за струја.