Подготовките за македонскиот настап на Јуниорскиот Евросонг 2026 продолжуваат. Македонската радио-телевизија ги претстави песната „Идната Јас“ и официјалниот видеозапис со кој Ана Стојаноска ќе ја претставува Македонија на натпреварот што годинава ќе се одржи во Малта.
„Идната Јас“ е посветена на детските соништа, самодовербата и храброста младите да го следат сопствениот пат и да останат верни на себе додека растат.
Музиката е дело на Николче Мицевски, а текстот го потпишува Илчо Нечовски. Видеозаписот е снимен во продукција на МРТ, со колоритен и динамичен визуелен пристап што ја следи атмосферата и пораката на песната.
Стојаноска е од Струга и со музика и пеење се занимава уште од најмали нозе. На сцената во Малта ќе настапи заедно со танчерките Калина, Каја и Елена. Кореографијата е дело на Илија Карадакоски, а македонската делегација ја предводи шефот на делегацијата Дијана Гогова.
Тимот продолжува со интензивни подготовки за сценската изведба и за претставувањето на Македонија пред европската публика.
Јуниорскиот Евросонг 2026 ќе се одржи на 24 октомври во Малта. Директниот пренос ќе биде на МРТ 1, со почеток во 21 часот.
Песната „Идната Јас“ и официјалниот спот се достапни на дигиталните платформи и на официјалните канали на Македонската радио-телевизија.