Бизнис

Македонија увезува над 40% повеќе стоки отколку што извезува – Како стојат земјите од регионот?!

Од јануари до јули 2026 година од земјава биле извезени стоки во вредност од 5,103 милијарди евра. Увозот во истиот период достигнал 7,199 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз изнесувала околу 71 отсто.

Македонија во првите седум месеци од годинава увезла стоки во вредност од околу 7,2 милијарди евра, додека извозот достигнал 5,1 милијарди евра. Тоа значи дека увозот бил за нешто повеќе од 40 отсто поголем од извозот, а трговскиот дефицит надминал 2,09 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Како што пренесе порталот Фактор, од јануари до јули 2026 година од земјава биле извезени стоки во вредност од 5,103 милијарди евра. Увозот во истиот период достигнал 7,199 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз изнесувала околу 71 отсто.

И извозот и увозот годинава растат. Извозот во првите седум месеци е зголемен за 8,4 отсто во однос на истиот период од 2025 година, додека увозот пораснал за 7,9 отсто. Во Србија, во истиот период, извозот достигнал 21,09 милијарди евра, а увозот 25,50 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз изнесувала околу 82,7 отсто, што е повисоко од македонските околу 71 отсто. Бугарија во првите седум месеци извезла стоки во вредност од 27,14 милијарди евра, а увезла 34,54 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз изнесувала околу 78,6 отсто. Хрватска извезла стоки за околу 16 милијарди евра, а увезла за 28,6 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз таму изнесувала околу 56 отсто. Уште поголема разлика има во Црна Гора. Во првите седум месеци земјата извезла стоки за 312,9 милиони евра, а увезла за 2,61 милијарди евра. Покриеноста изнесувала само 12 отсто.

Според оваа споредба, Македонија има повисока покриеност на увозот со извоз од Хрватска и Црна Гора, а пониска од Србија и Бугарија.

Структурата на македонската трговија покажува дека значителен дел од размената е поврзан со индустриското производство. Во извозот најголемо учество имаат катализаторите со благородни метали, сетовите на проводници што се користат во возила, авиони или бродови и деловите за седишта. Кај увозот меѓу позначајните производи се платината и другите метали од платинската група, нафтените деривати и моторните возила. Дел од увезените суровини и компоненти се користат во домашното производство и потоа повторно се извезуваат како преработени производи.

Македонската економија останува силно поврзана со европскиот пазар. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 58,7 отсто во вкупната надворешнотрговска размена. Најголем обем на трговија земјава има со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои заедно учествуваат со 49,4 отсто од целата размена.

Повисокиот увоз сам по себе не значи слабост на економијата, бидејќи земјата увезува и суровини, машини, енергенси и компоненти потребни за производство. За економијата е поволно кога паралелно расте домашното производство и извозот, особено на производи со поголема додадена вредност. Долгорочно, посилен извоз носи повеќе приходи од странство, поголема активност на домашните компании и подобра способност на земјата да го покрива она што го купува од странство.

Најнови вести од: Бизнис

Министерот за земјоделство го претстави Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи

Зземјоделците ќе потпишуваат договори пред испорака на производот со точни цени количини и рокови на плаќање. Министерот Серафимовски го претстави Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи.

Како до поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан – предизвици и можности?!

Процесот на проширување на Европската Унија во Западен Балкан претставува заеднички интерес за двете страни. Интеграциите подразбираат и многу реформи во општеството, зајакнување на институциите, усогласување на законите, како и реформи на економски и социјален план.

(Фото): УЈП ќе разменува искуства со Унгарија за дигитализација и наплата на даноците

Потпишувањето на Меморандумот претставува значаен чекор кон продлабочување на институционалната соработка и воспоставување континуирана размена на знаења, искуства и добри практики меѓу даночните администрации на Македонија и Унгарија.

To top