Македонија

ChatGPT за муабет, совети и решенија – работата на дното на листата во Македонија

Македонците со ChatGPT повеќе се доверуваат отколку што работат

epa10511143 An illustration picture shows the login page of ChatGPT, an interactive AI chatbot model trained and developed by OpenAI, on its website in Beijing, China, 09 March 2023. According to the White Paper on the Development of Artificial Intelligence Industry released by Beijing economy and information technology bureau on 13 February 2023, the capital city will support leading enterprises in developing artificial intelligence (AI) models that can challenge ChatGPT. EPA/WU HAO

Во споредба со другите европски земји, Македонците почесто го користат ChatGPT за разговор, лични размислувања и секојдневни проблеми, а поретко за работа. Само 18,1 отсто од пораките се поврзани со работа, додека речиси 40 отсто се барања за совет, учење или помош како нешто да се направи.

Анализата на Институт Демократика покажува и дека Македонија е меѓу земјите во Европа каде ChatGPT најмногу се користи за неформален разговор и лична интеракција.

OpenAI ги дели разговорите со ChatGPT според тоа што корисникот сака од него. Некогаш бара информација или совет, некогаш му дава конкретна задача, а некогаш едноставно разговара. Во оваа последна група спаѓаат поздрави, неформален разговор, лични размислувања, односи и игри.

Токму тука Македонија се издвојува. Кај пораките што не се поврзани со работа, Македонците најмногу од сите споредени европски земји го користат ChatGPT за ваков тип разговор. Во јуни Македонија била и единствената земја во која муабетот и личното изразување биле почести од директното поставување прашања.

И кога OpenAI ги групира разговорите според темата, сликата е слична. Македонија е трета во Европа по уделот на самоизразување, а на Балканот пред нас е само Србија.

За работа, пак, ChatGPT кај нас се користи значително поретко. Македонија е речиси на дното во Европа, а помал удел имаат само Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Уште поважно е што професионалната употреба се намалува. Во првата половина од 2025 година речиси 29 отсто од пораките биле поврзани со работа. Една година подоцна уделот паднал под 20 отсто. Пад има и во Европа и во светот, но кај нас е поизразен.

Овие бројки сепак не ја опфаќаат целата употреба на ChatGPT на работното место. OpenAI Signals ги следи личните планови, но не ги вклучува Enterprise и Codex, па дел од професионалната употреба останува надвор од статистиката.

Она што Македонците најчесто го бараат од ChatGPT се практични совети и решенија. Речиси 40 отсто од пораките се од овој тип. Тука спаѓаат прашања како нешто да се направи, помош при учење, решавање проблеми, здравје, фитнес и лична грижа.

Само Романија има поголем удел на вакви прашања. А растот кај нас е брз. Пред една година практичните совети биле помалку од една третина од сите пораки. Денес се речиси 40 отсто. Ако се споредат вторите квартали од 2025 и 2026 година, Македонија од единаесетто стигнала на прво место во Европа.

Македонците и ретко директно бараат информации. Тука сме под европскиот просек и на последно место од 36 анализирани европски земји.

Во јуни само 16,4 отсто од пораките биле директно барање информација. Но тоа не значи дека Македонците не бараат знаење. OpenAI прашањата за учење, совети и решавање проблеми ги става во друга категорија, практични насоки.

И ова последно место засега треба да се гледа внимателно. До април Македонија била многу поблиску до европскиот просек. Падот се појавил дури во мај и јуни, па сè уште е рано да се каже дека станува збор за траен тренд.

Македонците поретко го користат ChatGPT и за пишување, превод, резимирање и уредување текстови. И тука сме под европскиот просек, а тоа не е нова појава. Во сите 21 месец за кои има споредливи податоци Македонија била под европската медијана. На Балканот понизок удел имаат само Босна и Херцеговина и Албанија.

Одделните податоци на Евростат покажуваат колку луѓе воопшто користат генеративна вештачка интелигенција. Во Македонија тоа е нешто повеќе од една петтина од населението на возраст од 16 до 74 години.

Во Грција употребата е речиси двојно поголема. Пред Македонија се и Словенија, Хрватска, Албанија и Бугарија, додека зад нас се Босна и Херцеговина, Србија и Романија.

Податоците на Евростат и OpenAI не мерат иста работа. Евростат покажува колку луѓе користат генеративна вештачка интелигенција, а OpenAI Signals покажува што прават оние што веќе го користат ChatGPT.

Анализата на Институт Демократика се базира на OpenAI Signals v2.0 и опфаќа примерок од 300.000 пораки месечно од јули 2024 до јуни 2026 година. Податоците се однесуваат на пораки, а не на луѓе, па од нив не може да се утврди колку Македонци користат ChatGPT или колку често го користат.

Најнови вести од: Македонија

Стопанската комора бара посебен статус за транспортерите – нивно изземање од шенгенските ограничувања

Посебен статус за професионалните возачи и нивно изземање од шенгенските ограничувања што важат за туристите предлага Стопанската комора како решение за проблемот со македонските транспортери.

Мисирков: Македонците да имаат македонско гледиште, одделувајќи ги своите интереси од интересите на Бугарија – „лошиот демон за Македонија“!

„Бугарската надворешна политика е главниот извор на сите наши несреќи. Затоа не може и да се зборува за некакви арнотии од Бугарија за Македонија. … Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто треба час поскоро да си ги одделиме нашите интереси од бугарските..“ – нагласува авторот на „За македонцките работи“ Крсте Мисирков во својот реферат со наслов „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, кој го изнесува на денешен ден, на 28 септември 1903 година во Македонското научно-литературно другарство „Св. Климент“ во Санкт Петербург (тогаш Петроград). Тогаш идеологот на македонизмот Крсте Мисирков најдиректно ја формулирал идејата дека македонското прашање мора да има сопствен македонски глас. Истапувајќи на денешен ден пред 123 години како национален мислител од највисок ранг тој се залага Македонија да не биде предмет на туѓи политики, а Македонците сами да ја одредуваат сопствената национална и политичка позиција на Балканот – вонвременски завет и предупредување од исклучително значење во ова „евроинтеграциско време-невреме“ за македонскиот народ.

Западнонилската треска однесе живот и на 70-годишен пациент на Инфективната клиника во Скопје

Уште еден пациент со западнонилска треска во текот на викендот почина на Клиниката за инфективни болести. Се работи за 70-годишен пациент од Аеродром, кој имал повеќе заболувања. На Клиниката се хоспитализирани седум пациенти, од кои двајца се со потешка клиничка слика, изјави денеска директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.

To top