„Постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од Судија на претходна постапка, извршени се претреси кај шест лица, на вкупно 12 локации на подрачјето на Град Скопје, при што од слобода се лишени пет лица. При извршените претреси, се пронајдени и одземени автоматски пушки, рамки за автоматски пушки, снајперска пушка, рамка за снајперска пушка, пиштоли, куршуми од различен калибар, тактички елек, радио врски, официјално знаме на терористичката организација ИСИС, поголема количина на електронски уреди, мобилни телефони, како и поголема сума на денарски и девизни парични средства.

Во текот на претресите е утврдено и неовластено користење на електрична енергија, за што се преземаат дополнителни мерки и активности согласно законските надлежности.

К.И. (34) во 2023 година започнал со делување во рамки на злосторничка организација – огранок со основи на идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС, со цел извршување на кривични дела на територијата на нашата држава. Како припадник на терористичката организација ИСИС, вршел индоктринација на млади лица за исполнување на цели на терористичката организација ИСИС, а исто така ширел пропаганден материјал со екстремна и радикална содржина и набавувал и ракувал со огнено оружје. Б.А.(24) и Е.С.(30) заедно со К.И. формирале група во која неовластено поседувале, посредувале и тргувале со огнено оружје и муниција.

Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на 29.09.2026 до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против три лица од Скопје, К.И. (34) за сторени кривични дела „тероризам“ (чл.394-б ст.5 в.в. ст.1) и кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“ (чл.396 ст.5 в.в. ст.3 в.в. ст.6) од КЗ, како и против Б.А. (24) и Е.С. (30) за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“ (чл.396 ст.6 в.в. ст. 1) од Кривичен Законик“ соопштија од МВР.