Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, го означи стартот на 22. издание на „Виз Ер Скопски маратон“, на кој годинава учествуваат рекордни 15.020 натпреварувачи. Ѓорѓиевски порача дека Скопје денеска е во знакот на спортот, а илјадници учесници со различни цели и лични приказни ги исполнија улиците на главниот град.

- „Скопје е на нозе! 15.020 учесници, илјадници лични приказни и еден град што денес дише во ритамот на спортот“, објави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека заедно со Ристовски го означиле почетокот на маратонот и дека од стартната линија била испратена порака за истрајност, заедништво и верба во сопствените можности.

- „Скопје денес е домаќин на рекордни 15.020 учесници кои ги исполнуваат нашите улици со енергија, решителност и желба да ги поместат сопствените граници. Секој од нив трча со своја цел, со своја мотивација и со своја приказна. А со секој нивен чекор, заедно ја пишуваме најубавата спортска приказна на нашиот град“, порача градоначалникот.

Град Скопје е покровител на спортската манифестација, а Ѓорѓиевски вели дека градските служби се подготвени да ја обезбедат потребната поддршка за нејзино успешно одржување.
