Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, во гостувањето на телевизија Телма во емисијата „Топ тема“, остро одговори на ставот на Каранфилова Пановска.
Според него, нејзиното тврдење дека преговарачката рамка е европска и дека нема потреба од средби со официјална Софија целосно се совпаѓа со позицијата на бугарскиот претседател Румен Радев.
„Оваа позиција на заменик-претседателката на СДС, Каранфилова Пановска, дека преговарачката рамка е европска и нема потреба од било какви средби со претставници на официјална Софија, е позиција на Румен Радев. Румен Радев секогаш во своите настапи вика: нема потреба да се среќаваме со претставници од Македонија, дали е тоа премиер или претседател или министер за надворешни, особено не околу преговарачката рамка, нема тука Бугарија никаков удел, тоа е европска позиција.
Но ние сите знаеме, големата тајна којашто СДСМ сака да ја сокрие е дека билатералниот проблем, надвор од Копенхашките критериуми и барања на Бугарија, за жал, со бланко потпис на Бујар Османи, на Ковачевски, на Никола Димитров и на Зоран Заев, сега е дел од преговарачката рамка“, истакна Милошоски.
Тој нагласи дека билатералниот проблем останува клучен и дека средба со бугарската страна би открила кој навистина го кочи процесот. Според него, токму тоа билатерално барање, внесено во рамката преку претходните власти, ги блокира европските интеграции на Македонија иако земјата е лидер во Реформската агенда.
„Но тоа е сепак билатерален проблем. И затоа, доколку има билатерална средба, барем малку ќе се помести завесата на оваа преговарачка рамка и ќе открие дека еден спорен дел којшто кај нас предизвикува големи фрустрации, но и кај Европската комисија, затоа што лидери сме во процесот на Реформска агенда, но немаме започнато преговори сè уште, по 21 година како земја кандидат, е токму затоа што Бугарија го злоупотребува ова билатерално барање, коешто преку СДС и ДУИ го внесе во преговарачката рамка“, рече тој.
Милошоски додаде дека ваква средба би била корисна:
„Добро е да се случи таква средба, една таква фотовест ќе го лоцира актерот со којшто треба да се поразговара за принципиелна позиција, да не се кочат европските интеграции или, доколку треба истите да се менаџираат во рамките на преговарачката рамка, да имаме предвидлив пат“.