Бизнис

Анализа: Инфлација 2,7% за септември – за една година храната поскапа за 1,7 проценти

Во септември во однос на август нема никаква инфлација, односно трошоците за живот останале непроменети, објави Државниот завод за статистика. Иако ова е позитивна вест, на годишно ниво сè е поскапо од ланскиот септември. Годишната инфлација изнесува 2,7 проценти.

Инфлацијата во септември изнесува 2,7% на годишно ниво, покажуваат најновите податоци што денеска ги објави Државниот завод за статистика. Во однос на август, пак, трошоците на животот останале непроменети, односно месечната инфлација е 0%. По 2,3% годишна инфлација во јули и 2,6% во август, септември донесе благо забрзување на 2,7%. Тоа значи дека ценовниот притисок и натаму е под 3%, но трендот во последните два месеца повторно е благо нагорен. Во август, според официјалните податоци, инфлацијата изнесуваше 2,6% на годишно ниво и 0,4% на месечно.

На месечно ниво, сепак, септември бил релативно мирен. Вкупниот индекс на трошоците на животот не се променил во однос на август, но движењата по категории се значително различни.

Најголемо намалување има кај рекреацијата, спортот и културата – за 3,7%, како и кај транспортот – за 3,4%. Цените на рестораните и услугите за сместување се намалиле за 0,3%, а на информациите и комуникациите за 0,1%. Од другата страна, најголем месечен раст е регистриран кај покуќнината, опремата и одржувањето на домаќинствата – за 1,3%. Храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 0,5%, колку и личната нега и разновидните стоки и услуги. Образованието поскапело за 0,4%, облеката и обувките за 0,3%, а домувањето, водата, струјата, гасот и другите горива за 0,2%.

Индексот на цените на мало во септември во однос на август изнесува 98,7, односно цените на мало во просек се намалиле, додека на годишно ниво индексот е повисок за 1,7%.

  • „Очекувам да бидеме земја каде што ќе има, ако не најниска, меѓу најниските две-три инфлации во регионот и Европа, и ако не највисок, тогаш меѓу првите пет највисоки порасти на бруто-домашниот производ во регионот и во Европа“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски во повеќе наврати во изминатите недели ја истакна инфлацијата како еден од показателите според кои, според неговата оценка, Македонија стои подобро од поголем дел од регионот.

  • „Во јули стапката беше 2,3 проценти, а просекот во Европската Унија и во еврозоната беше 2,9 проценти. Во регионот сме втори, убедливо, кога ќе ги анализираме стапките на инфлација од Словенија до Турција. Во август беше 2,6 проценти кога во Европа и во еврозоната просекот беше 3,2 проценти. Сега Европската Унија објави процена дека во септември е 3,8 во еврозоната“, рече Мицкоски.

Според процените и анализите на Државниот пазарен инспекторат, Мицкоски посочи дека за храната и за безалкохолните пијалаци очекувањата се годишната стапка на инфлација да биде меѓу 1,5 и 2 проценти, што ќе претставува најниска во регионот и една од најниските во Европа. Најновата бројка од 2,7% покажува дека инфлацијата останува под 3%, но е нешто повисока од августовската. Оттука, денешниот податок ја потврдува ценовната стабилизација во однос на претходните инфлаторни бранови, но истовремено покажува дека притисокот не е целосно исчезнат.

Особено важен за стандардот на граѓаните е податокот дека храната и безалкохолните пијалаци во септември поскапеле за 0,5% во однос на август. Тоа е втора последователна месечна стапка од 0,5% за оваа група, бидејќи ист раст беше регистриран и во август. Со годишна стапка од 2,7%, септември е трет последователен месец во кој инфлацијата е под 3%. Прашањето сега е дали ова ниво ќе се задржи и во последниот квартал, особено со почетокот на грејната сезона и евентуалните промени кај енергенсите и храната.

Најнови вести од: Бизнис

Една година во СЕПА: Над 5 милиони евра заштеди за граѓаните и фирмите

Народната банка останува посветена на натамошна модернизација и приближување на домашниот финансиски систем до европските стандарди и унапредување на платежната инфраструктура што ќе ја зголеми ефикасноста и ќе обезбеди современи, брзи и достапни плаќања за граѓаните и бизнисите.

„Реплек“ ги јакне меѓународните партнерства и потенцијалот за раст на извозот

Петта година по ред „Реплек“ е дел од учесниците и изложувачите на еден од најзначајните светски саеми за фармација – CPHI, кој годинава, од 6 до 8 октомври, се одржува во Милано, со присуство на над 62.000 учесници и 2.900 компании од 166 земји.

Извозот пораснал за 8,7% – Со кои држави најмногу тргува Македонија?!

Во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и други катализатори на носачи.

Цената на гасот во Европа скокна за дури 171%

Првиот регулатор вели дека со почнување на грејната сезона и во земјава доколку не се смири пазарот, снабдувачот со парно топлинска енергија ќе почне да ги чувствува промените на цената на гасот и ќе побараат интервенција во калкулациите за цената на парното.

„Тинекс“ и официјално има нов газда – Лиридон Бериша од Косово е нов директор

Во 2025 година приходите на „Тинекс“ се намалија на 5,31 милијарди денари, односно за околу 16,5 отсто во однос на 2024 година. Приходите само од продажба на производи паднаа за околу 16,5 отсто. Во исто време, беше прикажана годишна нето-загуба од 217 милиони денари.

„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија

Кредитниот рејтинг на Македонија „Стандард и Пурс“ го оценува двапати годишно. Рејтингот претставува важен индикатор за инвеститорите и меѓународните финансиски пазари при оценката на кредитниот ризик на една земја.

Како да се ограничи употребата на млеко во прав и палмино масло во млечните производи?!

Стопанската комора со години укажува на проблемите во млекопроизводството, потребата од контрола на квалитетот на домашните и увозните млечни производи и потребата од усогласување на правилата со европските стандарди.

To top