Македонија Колумни

Пренесувањето на моштите на Гоце Делчев и наводните на Самуил – огледало на бугарската политика кон Македонија, од добрососедство до историски ревизионизам!

Државната и политичката свест на Бугарија за 80 години се развиваше во негативна насока: од држава, која во 1946 година официјално ја признаваше македонската национална самобитност, идентитет, држава, јазик и историја, до држава-членка на ЕУ, која денес во 2026 година практикува историски ревизионизам кон Македонија, стремежи да ја „прекрои“ нејзината автентична национална историја. Но и стремежи за бугаризирање на македонскиот идентитет и јазик. Официјална Софија денес прибегнува кон вета и блокади на македонската евроинтеграција во обид да ги оствари своите асимилаторски цели и стремежи. Двата столба на македонскиот идентитет и државност се под опсада: Цар Самоил, како македонски државотворен столб на средновековието, и Гоце Делчев, како столб на современата државност и идентитет на македонскиот народ, се двете клучни точки, кои Софија упорно се обидува да ги бугаризира. Стратегијата не е насочена само кон одделни историски периоди, туку кон целосно растурање и поништување на континуитетот на македонскиот идентитет и државотворните стремежи и традиции на македонскиот народ од минатите векови до денес.

Пишува: Свето Тоевски

На денешен ден, на 8 октомври 1946 година продолжила траорната, но величествена церемонија – патешествието на коските на Гоце Делчев кон слободна Македонија, од Софија кон Скопје, која започнала еден ден претходно, на 7 октомври. Било пренесувано ковчеже со зачуваните коски од черепот, од рацете и нозете на великанот на македонското револуционерно движење од 20-иот век и идеологот на борбата за создавање на македонската држава. Другиот дел од посмртниот останки на големиот син на македонскиот народ почиваат  на ридот, на кој се наоѓаат остатоците од селото Баница во Егејскиот дел на Македонија, во дворот на некогашната црква. На местото каде што на 4 мај 1903 година бил убиен во судирот со турската војска.

Патувањето и враќањето на моштите на водачот на македонската револуција Гоце Делчев од Софија во татковината Македонија

Во знак на длабока почит Македонците три дена – на 7, 8 и 9 октомври 1946 година, и пеш го носеле ковчегот со коските од Софија преку Пиринскиот дел на Македонија, преку Струмица и Штип, сѐ до Скопје. На 10 октомври 1946 година заветот конечно бил исполнет  – моштите на Гоце Делчев биле положени во дворот на Македонската православна црква „Свети Спас“, до Калето во Скопје. Градниот кош на Гоце и натаму почива во Баница, а во саркофагот во Скопје се само коските од черепот, од рацете и нозете.

Тодор Павлов

„Гоце со целата своја револуционерна дејност неизмерно придонесе за формирањето и развојот на македонската национална (македонско-словенска, не бугарска и не српска) свест. Поклонувајќи се од името на отечественофронтовска народно-републиканска Бугарија пред светите коски на легендарниот син на Македонија, искажувам длабоко убедување дека овој историски симболичен чин ќе послужи за поцелосно и порешително приближување и дружба меѓу бугарскиот и македонскиот народ. Да живее слободна, суверена Македонија – остварениот сон на бесмртениот и легендарен нејзин син, претходник на Националниот Македонски Фронт – Гоце Делчев! “ – ќе каже Тодор Павлов во својот говор, одржан на 7 октомври 1946 година во Народниот театар на Софија на свечено собрание по повод пренесувањето на коските на Гоце Делчев во Н. Р. Македонија. Тодор Павлов, родум од Штип, бил бугарски политичар, член на Бугарската академија на науки и еден од тројцата регенти (привремени раководители) со Царството Бугарија, со функција и целосни овластувања како шеф на бугарската држава.

Бугарскиот пропаганден циркус и историско-ревизионистички „политички театар“ со „враќањето на коските на бугарскиот цар Самуил во саканата татковина Бугарија“

По 80 години денешна „европска“ Бугарија организира на 3 октомври 2026 година нова „величествена церемонија“ со пренесување  наводни „посмртни останки“ на втора легендарна личност од македонската историја, овојпат на македонскиот цар Самуил: од гробницата кај манастирот „Свети Ахил“ во Преспа во Софија.  На 6 октомври во мермерен саркофаг во базиликата „Света Софија“ во главниот град на Бугарија со бомбастична ознака „Самуил, цар на Бугарите“ се положени тие коски, без никаква форензичка, научна и ДНК-анализа кому навистина му припаѓа

Два ковчега со коски — две различни политички пораки и две лица на политиката на Бугарија, едното лице пред 80 години и другото денес

Дел од коските на Гоце Делчев, кои во октомври 1946 од Софија се пренесени во Скопје и положени во саркофагот во црквата „Свети Спас“

Споредбата меѓу двата историски настана поврзани со пренесување на посмртни останки од Софија и во Софија – едниот од октомври 1946 година, а другиот од октомври 2026 година – ја разоткрива длабоката преобразба на официјалната бугарска политика кон македонската историја, народ и идентитет. Овие два настана, иако разделени со точно осум децении, го допираат самото јадро и основа на македонската државност: во средновековната епоха, олицетворена во  Цар Самоил, и револуционерната национално-ослободителна борба во 19 век, овековечена преку Гоце Делчев.

Наводните „посмртни останки на царот Самуил“, пренесени од „Свети Ахил“, Преспа, во Софија, кои допрва ќе бидат научно и со ДНК-анализа испитувани дали се негови, или на некој друг

 Префрлањето на коските од гробницата во базиликата „Свети Ахил“ во Преспа (откриени од грчкиот археолог Николаос Муцопулос) во Софија на почетокот на октомври 2026 година, со највисоки државни почести, предводени од претседателот Румен Радев, претставува присвојување  на македонската државност и средновековие.

Антрополошките и генетските докази за тоа дали пронајдените останки во Свети Ахил навистина му припаѓаат на царот Самоил сè уште се предмет на расправа во сериозните научни кругови.

Но, сепак Софија го користи овој чин за прогласување на македонскиот цар Самуил како „бугарска историска сопственост“, со логистичка и политичка поддршка од Атина. Таа поддршка, таа бугарско-грчка трампа „на ти – дај ми“ и „раскусурување“ со македонски историски симболи и украдени културни реликвии од манастирите на територијата на етничка Македонија, укажува на геополитички сојуз на двата „добри соседа“ за одмакедончување на македонскиот историски простор, на самата македонска историја.

Масовно и долготрајно служејќи се со историографски фалсификати, бугарската држава и наука целосно ги игнорираат научните истражувања и студии на светските византолози и историчари.

Авторитети како Георгиј Острогорски јасно го дефинираат Самоиловото Царство, како посебна македонска државна творба, која настанал на територијата на Македонија врз урнатините на Првото бугарско царство, со сопствена структура, престолнина (Преспа и Охрид) и црковна организација (Охридска архиепископија).

Исто така, германскиот историчар Јохан Густав Дројзен и низа други западноевропски научници укажуваат на специфичниот карактер на ова Македонско царство, кое опстојувало независно од Дунавска Бугарија. Бугарското присвојување на Самоил има за цел да ја избрише средновековната етапа од историјата на Македонија и неа да ја прикаже како „вековна бугарска земја“.

Отфрлените лекции од од минатото: октомври 1946 година и признавањето на македонската самобитност

Контрастот е драстичен кога ќе се погледне настанот од 7-10 октомври 1946 година. Тогаш, во духот на поинаква, вистински добрососедска клима по Втората светска војна, бугарската држава официјално и со почит ги испрати вистинските посмртни останки на Гоце Делчев од Софија за Скопје. Свечениот говор на Тодор Павлов на 7 октомври 1946 година и тргнувањето на поворката од Софија со коските на Делчев на 7 октомври беа чин на историска правда, кога македонскиот револуционерен водач отворено и јасно беше именуван како легендарен син на македонскиот народ.

Факсимил на Решението и Циркуларното писмо на бугарското Министерство за просвета од 22.11.1947 за „Поправки во учебниците по историја за седмо одделение“ со наложувањето да се означува дека „Самуиловата словенска држава не треба да се означува како ‘Западна Бугарија’, туку држава на македонските Словени“

Овој чин беше придружен со политичка волја од тогашната бугарска влада за исправки во учебниците по историја, кога бугарското Министерство за просвета донесе решение во тие учебници да пишува дека Самоиловото царство е држава на Македонските Словени, а не дел од континуитетот на бугарската државност.

Кои пораки и заклучоци произлегуваат од аналитичката споредба на настаните во бугарската престолнина во октомври 1946 година и во октомври 2026 година?

Се случува регресија (враќање назад) на бугарската државна  и политичка свест – од соработка, вистинско добрососедство, признавање на македонскиот народ, идентитет, држава, историја и јазик, до денешна политичко-идентитетска  агресија врз сите македонски белези. Бугарската држава за 80 години се разви во негативна насока — од држава која во 1946 година официјално ја признаваше македонската национална самобитност, јазик, држава и историја, денес во 2026 година практикува неоврховизам, негаторство ма македонскиот народ, јазик, идентитет и историја. Софија ја злоупотребува својата позиција како членка на ЕУ, користи вета и блокади на македонската евроинтеграција во ЕУ,  за да ги наметне и ако е можно да ги оствари своите асимилаторски цели и стремежи.

Бугарија спроведува инструментализација на коските. Во 1946 година автентичните коски на Гоце Делчев беа вратени во нивната вистинска татковина, во Македонија, како чин на почитување на правото на македонскиот народ на сопствени херои и државотворци.

Во 2026 година Софија користи сомнителни артефакти (останките од Свети Ахил) како пропагандно оружје со цел симболичко присвојување на македонските државотворци, но и заради бришење на македонското национално колективно паметење.

Гоце Делчев

Двата столба на македонскиот идентитет и државност се под бугарска неоврховистичка опсада: Цар Самоил, како македонски државотворен столб на средновековието, и Гоце Делчев, како современ идеолошки столб на македонскиот народ и држава.

Овие два македонски столба Софија упорно се обидува да ги бугаризира. Нејзината стратегија не е насочена само кон одделни историски периоди, туку кон целосно растурање и и поништување на континуитетот на македонскиот идентитет и државност. „Враќањето на бугарскиот владетел Самоил во саканата татковина Бугарија“  го претвора вистинското добрососедство во празна фраза и историски ревизионизам кон Македонија.

 

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Кос: Многу земји имаат заедничка историја – да се насочиме на иднината

Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека „иако многу земји имаат заедничка историја, фокусот треба да биде на иднината и на она што може да го постигнат заедно“. „„Многу земји имаат заедничка историја. Добро е што го признаваме тоа, но да гледаме кон иднината и кон она што можеме заедно да го постигнеме“, истакна Кос.

Муцунски: Патот на Македонија кон ЕУ да биде заснован врз заслугите, а не оптоварен со историјата и минатото

Најголема желба на Македонија е нејзиниот пат кон Европската Унија и полноправното членство да биде заснован врз заслугите, а не оптоварен со историјата или минатото, порача денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на заедничката прес-конференција по Министерскиот состанок за Коридорот 8 во Софија, одговарајќи на новинарски прашања за очекувањата од денешната средба со неговата бугарска колешка, Велислава Петрова Чамова.

Муцунски за Ива Михаилова: Владата не се меша во судењето, бугарски лекари ќе можат да ѝ ја проценат здравствената состојба

Македонија е подготвена да овозможи посета на бугарски медицински специјалисти кои би се запознале со здравствената состојба и лекувањето на Ива Михаилова, потврди министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој посочи дека случајот има два одделни аспекти – судскиот процес и здравствената состојба на Михајлова.

Јаневска: Ги обучуваме наставниците за користење вештачка интелигенција, за да им помогнат на учениците да ја употребуваат правилно

Најуспешните наставници и училишта по 9-месечната обука за вештачка интелигенција добија сертификати. Министерството за образование и наука ги спроведе обуките во соработка со Brainster Next.

Пронајдени дрога и оружје кај жител на Глумово, Скопско, по што е лишен од слобода

Вчера, на 7 октомври 2026 година, околу 8 часот изутрината полициски службеници од од Единицата за недозволена трговија и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишија од слобода М.М. (43) од селото Глумово, Скопско.

Најнови вести

To top