.Левица дека не ги поддржала работниците во Собранието, откако пратениците на партијата не гласале за предлогот на социјалдемократите за минимална плата од 600 евра, обвини портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска
Таа ја обвини партијата на Апасиев дека ги побила сопствените ветувања за заштита на работничките права.
Кузеска рече дека за предлогот гласале само пратениците на СДСМ и коалицијата, додека пратениците на Левица не биле во собраниската сала. Според неа, за предлогот не гласале ниту пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, а во салата ги немало ниту пратениците на ДУИ.
Таа потсети на ветувањата на Левица за минимална плата во висина од две третини од синдикалната потрошувачка кошница, повисока медијална плата, исплата на платите од први до седми во месецот, двојна дневница за викенд и празник и укинување на привилегираните плати над 10.000 евра.
„Кога дојде закон за 600 евра минимална плата, Левица не гласаше“, рече Кузеска, додавајќи дека работниците не можат да ги плаќаат сметките со пароли и политички ветувања.
Во продолжение, таа ја обвини Левица дека дејствува како сателит на власта и дека заедно со други политички структури работи на ослабување на СДСМ. Кузеска упати критики и за политичката ориентација на Левица, посочувајќи дека нејзините антиевропски и анти-НАТО ставови се спротивни на стратешките определби на Македонија.