Пишува: Свето Тоевски
Моќното истапување на Анатол Франс за македонската вистина во 1903 година претставува еден од најсилните историски гласови на европската интелектуална авангарда во одбрана на македонскиот народ пред Илинденското востание. Тој говор е доказ дека македонското прашање и македонскиот идентитет биле јасно препознаени во Европа на почетокот на 20 век.

Говорот на овој великан на интелектуална Франција има огромно и вонвременско значење за македонската национална и политичка историја. Франс ги споменува Македонците како посебно именуван народ уште пред повеќе од еден век. Со ова тој ги обесмислува и ги прави смешни и апсурдни и денешните владејачки и опозициски елити на Бугарија и Грција и голем број „научници“ во овие држави, кои не само што негираат постоење македонски малцинства на своите територии, туку го оспоруваат во целина постоењето на сиот македонски народ, и во Република Македонија.

Во книгата, што носи наслов со длабока симболика „Анатол Франс: кон подобрите времиња“ и која е објавена во Париз во 1906 година, се поместени споменатите два говора на овој француски писател и интелектуалец. Поместени се негови говори и од други митинзи, јавни истапувања за широк спектар личности и европски теми, како и негови писма упатувани до меѓународни форуми и конференции, од 28 ноември 1898 заклучно со 24 февруари 1906 година. Но, Анатол Франс говорел во прилог на Македонија и Македонците на собири и во други европски главни градови и тие негови истапувања се, исто така, отпечатени во „Кон подобрите времиња“.

Посочуваме и на делот од речта на Франс, одржана на собирот во Рим на 21 мај 1903 година за поддршка на Ерменија и Македонија. „Посакувам во Рим, Милано, Џенова, Брисел, Париз и Женева, јавното мислење гласно да бара целосно спроведување на Берлинскиот договор како најсигурен начин за спасување милиони луѓе животи и заради обезбедување европски мир.“ – нагласил големиот француски и европски писател на овој митинг во италијанската метропола.
Тој ја потсетил тогашна политичка Европа дека имала неисполнета обврска кон македонскиот народ согласно со Берлинскиот договор од 1878 година. Со тој договор големите европски сили го поништиле претходниот „Санстефански договор“ за основање „Велика Бугарија“. Тие имале одлучено Македонија да не влезе во состав на Бугарија, или на друга независна држава, туку да биде вратена под суверенитет на Турската империја со политичка автономија и посебен државно-правен статус. Тоа не се спровело во пракса.

Денешна политичка Европа, олицетворена во ЕУ, која штедро ги поддржува Бугарија и нејзиното барање „Бугари во устав“, отвора голема дилема: дали всушност, се обидува на тој начин да ја врати Република Македонија во „санстефанската орбита“ сега на официјална Софија?!

Жак-Антоан Анатол Тибо, попознат под својот прекар Анатол Франс (16 април 1844, Париз – 12 октомври 1924, Бешерел, Франција) е истакнат француски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 1921 година за неговото извонредно книжевно дело. Но тој е познат не само како книжевник, туку и како француски национален мислител, поради длабоката хуманистичка и филозофска мисла, залагањата за општествена правда и острите критики на тогашното француско општество и на тогашна политичка Европа, вградени во неговите најпознати романи и дела, како што се „Злосторството на Силвестер Бонар“, „Островот на пингвините“, „Боговите се жедни“ и „Побуната на ангелите“.

Напојувајќи се со идеите на мислителите од 18 век, вклучувајќи ги и водачите на Француската револуција, за време на така наречената „Дрaјфусова афера“ Анатол Франс навлегол и во политичките води. Започнал остро да ги критикува француската буржоазија, институциите, свештенството и армијата на Француската република. Подоцна, под влијание на Жан Жорес тој станал член на Интернационалата, а од 1921 година и член на Комунистичката партија на Франција. Поради сево ова, книжевното творештво, но и сите јавни истапувања и пораки на Анатол Франс се толкуваат и како свовидна химна на француската национална мисла, на францускиот и европскиот хуманизам и правда.

Овој врвен француски интелектуалец со таквиот книжевен и политички багаж зад себе се решава на споменатиот митинзи во Париз и Рим, во Франција и Италија, да ѝ го сврти вниманието на западната јавност кон страдањата на народите во Отоманската Империја, меѓу кои и на македонскиот народ. Според Франс, страдањето на Македонците заслужува меѓународна грижа, а не само да се препуштат на нивната судбина како некое безимено население на одредена територија.
Тој ги осудувал пасивноста и рамнодушноста на Европа, жестоко ги критикувал големите европски сили, кои останувале неми кон насилствата и злосторствата во Македонија. Јавно барал од европските сили да дејствуваат. Ставајќи го во служба на Македонија и македонскиот народ својот голем човечки и интелектуален авторитет, кој го имал во својата татковина и во Европа, Франс ja будел свеста на европската јавност за нејзината одговорност кон патилата на тој балкански народ.
(продолжува)
(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошко – историска анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)