Вториот протокол Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година не е ратификуван во Собранието, иако е анекс на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, пишува претседателот на светскиот Македонски конгрес Тодор Петров.
Тој во анализа објаснува дека Македонија никогаш не го изгласала вториот спорен протокол кој го потпиша Бујар Османи.
Целата анализа на Петров:
Бујар Османи, поранешен министер за надворешни работи на Македонија, на 9 октомври 2026 година, на својот личен профил на ФБ напишал: “Вчера премиерот Мицкоски ме издвои лично како виновник за потпишувањето на Протоколот со Бугарија. Протоколот беше едногласно одобрен од Владата и поддржан од 67 пратеници во Собранието. Сличен протокол, потпишан во 2019 година од министер Македонец, никогаш не се доведе во прашање. Па, што се смени, протоколот или етничката припадност на министерот што го потпиша? Кога еден премиер почнува да прави разлика меѓу граѓаните според нивната етничка припадност, прашањето веќе не е кого обвинува, туку кого претставува.”
Како бе така, секоја кривична одговорност се покрива со етничкото потекло? Во кривичните дела нема “соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници…“
Ама, Бујар Османи ги помешал датумите. Протоколот што тој го потпиша воопшто не е поддржан од Собранието! Да го потсетиме него и тие околу него со плитка меморија…
На 23 јуни 2022 година, на бриселскиот самит ЕУ-Западен Балкан, францускиот претседател Емануел Макрон, како претседател со Советот на Европската Унија, предложи Преговарачка рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, и притоа беше многу јасен во својата изјава: “Блиску сме до договор кој овозможува правда за бугарските барања!“ Македонија ниту ја спомна, затоа што Бугарија е членка на ЕУ, а Македонија не е. За Емануел Макрон беа важни бугарските барања во врска со преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.
На 24 јуни 2022 година Народното собрание на Бугарија донесе декларација со дополнителни четири услови на Француската предлог-Преговарачка рамка: (1) ефикасно имплементирање на Договорот Заев-Борисов, (2) впишување на Бугарите во Уставот како државотворен народ, (3) дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, и (4) европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети!
На 30 јуни 2022 година, на Самитот на НАТО во Мадрид, претседателот на Франција Емануел Макрон објави модифицирана француска Преговарачка рамка за членство на Македонија во Европската Унија, со бугарските дополнителни барања, која е уште полоша од првобитната верзија објавена во Брисел на 23 јуни 2022 година.
На 16 јули 2022 година, на 81-та седница, Собранието на Македонија со 68 гласа “за“ усвои само заклучоци за прифаќање на Француската преговарачка рамка, меѓутоа никогаш не го гласаше Вториот протокол бидејќи е потпишан на 17 јули 2022 година во Софија.
На 17 јули 2022 година, во Софија, министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска склучија Протокол како анекс за имплементирање на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, кој ги содржи сите идентитетски, образовни и историски прашања, со кои Македонија од држава треба да стане територија без Македонски народ и историја чиј администратор, покрај Атина, ќе биде и Софија!
Вториот протокол Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година не е ратификуван во Собранието, иако е анекс на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година!
На 19 јули 2022 година, атипично и во нестандардна процедура, се одржа Политички меѓувладин состанок ЕУ-Македонија на кој беше поздравено потпишувањето на Протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година и беше препорачано Македонија да ги впише Бугарите во Уставот според барањата на Софија како услов за одржување на Првата меѓувладина конференција ЕУ-Македонија на која треба да се усвои Француската преговарачка рамка!
Француска Преговарачка рамка за членство на Македонија во Европската Унија од 23 јуни 2022 година веќе ги содржи сите барања на Бугарија од: (1) “Рамковната позиција за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со Европската Унија“ усвоена од бугарската Влада на 9 октомври 2019 година а потврдена со декларација на Народното собрание на Бугарија на 10 октомври 2019 година, (2) таканаречениот “Објаснувачки Меморандум“ на Софија до земјите членки на Европската Унија од 16 септември 2020 година, и (3) декларацијата на Народното собрание на Бугарија од 24 јуни 2022 година со дополнителните четири услови.
Софија, пак, со собраниска декларација од 10 октомври 2019 година побара Македонија: (1) да ги признае бугарските корени на Македонскиот јазик и историја; (2) да изјави дека Македонскиот јазик е дијалект на Бугарскиот јазик; (3) да се откаже од Македонците во Бугарија; (4) да ги измени учебниците по историја, географија и литература според барањето на Софија; (5) да се откаже од бугарската фашистичка окупација во Втората светска војна; и (6) да ги избрише од сите споменици зборовите “фашистички окупатор“.
Да беше доблесен политичар, Бујар Османи самиот требаше да каже, поради конфликт на интереси, Албанец не може да го решава македонското прашање во односите со Бугарија. Тоа е исто како Македонец да го решава албанското прашање во односите со Србија, Албанците би прифатиле? Но, толку им сечеше умот и на СДСМ, оставија Бујар Османи да преговара за македонското прашање со Софија, за вината да не ја понесат тие, туку нивниот коалициски партнер ДУИ. Која лакрдија…
Светскиот Македонски Конгрес на 14 август 2025 година поднесе иницијатива до Уставниот суд на Македонија за поништување на Протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година со барање за времена мерка до одлучување. Светскиот Македонски Конгрес, поднесе и ургенција до Уставниот суд на Македонија на 9 април 2026 година за решавање по иницијативата од 14 август 2025 година. Но, Уставниот суд како по обичај, во злосторничко здружение со Владата за суспензија на правата и слободите на граѓаните и уставно-правниот поредок, по иницијативата до денесе не реашава, решил да молчи, бидејќи Владата не му дава мислење по иницијативата…