Капиталните археолошки истражувања на Скопското Кале, кои со години ги предводеше тимот на еминентниот професор д-р Драги Митревски, конечно се на чекор да го добијат својот заслужен, монументален епилог кој ќе остане како трајно национално богатство на Македонија.
Деценискиот труд, кој резултираше со пронаоѓање на илјадници бесценети артефакти од праисторијата па сè до османлискиот период, наскоро ќе биде презентиран пред пошироката јавност на најсовремен и достоинствен начин.
Ова епохално истражување претставува едно од најзначајните археолошки дела во поновата македонска историја.
Со макотрпната работа на тимот на професорот Митревски се разоткрија длабоките историски слоеви на Скопската тврдина, создавајќи монументално научно и културно дело кое го потврдува континуитетот на живеење на овој простор.
Овој историски локалитет денеска беше посетен од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој изврши директен увид во финалните фази од ревитализацијата на тврдината и двата нови музејски објекти – Музејот на Праисторија и Музејот на Османлискиот период. Овие простори во иднина ќе бидат дом на над 5.000 клучни пронајдоци од ископувањата.
Во својата изјава за медиумите, премиерот Мицкоски јасно ги претстави амбициозните планови за идната функционалност и сјај на Скопското Кале:
„Денеска извршивме увид во завршните активности за обновување и ставање во функција на двата музејски објекта на Скопското Кале.
Има много работи коишто треба да се средуваат една од тие е и Скопското Кале. Успеавме да излеземе од тие предизвици поврзани со Скопје – европска престолнина на културата.
Очекувам во периодот којшто следи калето да го добие оној лик и функционалност каква што ја заслужува, тоа е она што ќе биде наша цел како Влада заедно со институциите коишто се за различни делови надлежни.
Очекувам кога сето ова ќе биде завршено да имаме исклучително квалитетен објект во Скопје којшто ќе претставува една од неколкуте исклучително ретки и важни туристички атракции.
Ние како Влада ќе застанеме позади институциите и финансиски и логистички да скопското Кале го добие оној лик којшто го заслужува и да биде дел од Скопје-европска престолнина на културата“.
Со заокружувањето на овој голем проект, Македонија не само што го спасува и трајно го заштитува трудот на домашните археолози, туку добива и врвна културно-туристичка атракција. Скопското Кале, збогатено со научните откритија на проф. Митревски, останува како траен споменик и монументално сведоштво за македонското и светското културно наследство.