Три деца — на возраст од пет, осум и 11 години — и еден наставник загинаа при пукање во основно училиште во градот Бенд, Орегон, додека 16-годишниот напаѓач бил убиен на самото место од страна на случаен минувач, соопшти полицијата.
Напаѓачот насилно влегол во основното училиште „Силвер Рејл“ (Silver Rail), изјави началникот на полицијата.
Станува збор за 16-годишен локален жител; засега не е познато дали тој имал некаква поврзаност со училиштето.
Покрај убиените, и едно седумгодишно дете и 54-годишен наставник се сериозно повредени во нападот. Двајцата се пренесени во болница во критична состојба, пренесува Би-Би-Си (BBC).
Според полицијата, еден случаен минувач по нападот го убил напаѓачот во училиштето.
Полициските службеници пристигнале на местото на настанот три минути подоцна, потврдиле дека напаѓачот е мртов и извршиле претрес во училишната зграда.
Полицијата сè уште нема објавено информации за идентитетот на напаѓачот или на жртвите.
„Потресени сме и скршени од болка поради оваа бесмислена трагедија. Не постојат зборови со кои може да се опише тагата што ја чувствува нашата заедница“, изјави Стивен Кук, раководител на локалниот училишен округ. Во основното училиште „Силвер Рејл“ учат околу 450 ученици, а вработени се повеќе од 40 лица.
Минатата година во американските училишта беа евидентирани 235 случаи на пукање, додека оваа година, досега, се пријавени најмалку 140 такви инциденти.
Насилството со огнено оружје е секојдневие во Соединетите Држави — земја во која има повеќе парчиња огнено оружје во оптек отколку што има жители, и која има највисока стапка на смртни случаи поврзани со огнено оружје меѓу сите развиени нации.
Пукањата во училиштата честопати ја шокираат нацијата; Во 2022 година, масакр во основно училиште во Увалде предизвика гнев низ целата земја, бидејќи во него животот го загубија 21 лице, меѓу кои и 19 деца.
Paramedics seen staging at Silver Rail Elementary School in Bend, Oregon amid reported active shooter situation. https://t.co/uqQ0TwFMvs pic.twitter.com/9KnGY4LIEv
— Noteworthy News (@newsnoteworthy) October 15, 2026