Свет

Зеленски: Ограничувањето за напади врз руските рафинерии веќе не важи

Тој ја критикуваше подготвеноста на Вашингтон да склучува деловни договори со Москва, како и очигледното восхитување на американскиот претседател Доналд Трамп кон рускиот претседател, пренесува „Фајненшел тајмс“

Украина ќе продолжи со нападите врз руските рафинерии, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Фајненшел тајмс“ (Financial Times).

„Ограничувањето за напади врз рафинериите повеќе не важи. Тоа е завршена приказна“, изјави Зеленски за британскиот весник.

Тој ја критикуваше подготвеноста на Вашингтон да склучува деловни договори со Москва, како и очигледното восхитување на американскиот претседател Доналд Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Фајненшел тајмс“.

Во саботата, Трамп повика Украина да го замени Зеленски и остро ги критикуваше украинските напади врз руската нафтена инфраструктура. Тој го стори тоа еден ден откако објави договор со Русија за снабдување со дизел гориво, со цел да се намали притисокот врз цените на горивата – кои пораснаа од почетокот на војната на САД и Израел против Иран во февруари.

Украина ги запре нападите врз руските нафтени рафинерии и друга енергетска инфраструктура во траење од два дена, по најавата на Трамп за „енергетско примирје“, изјави Зеленски претходно оваа недела.

И покрај овој прекин на украинските напади, Зеленски за „Фајненшел тајмс“ изјави дека украинските сили останале без системи за рано предупредување за доаѓачки балистички ракети, кои беа испорачани од САД. Во исто време, сателитската комуникациска услуга „Старлинк“ (Starlink) – во сопственост на Илон Маск – забави низ целата земја, што ги попречува операциите на бојното поле и нападите со среден дострел врз руски воени цели.

Украинските воени претставници добиле предупредување од своите американски колеги дека споделувањето разузнавачки податоци ќе биде прекинато доколку не престанат со нападите врз енергетската инфраструктура, рече Зеленски. Тој додаде дека подоцна на Киев му било кажано оти тоа се должи на технички проблем. Тој ја отфрли можноста тешкотиите со сателитскиот систем „Старлинк“ да се резултат на технички дефект. „Тоа не беше технички проблем; тоа беше прашање на волја“, изјави Зеленски за „Фајненшел тајмс“.

На прашањето дали Украина би се согласила да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура за да ги подобри односите со Белата куќа, Зеленски одговори дека на тоа би можел да се согласи само во замена за дополнителни американски пресретнувачки ракети за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“. Тој ја опиша таквата испорака како „минимум“ што би бил прифатлив за Украина.

Најнови вести од: Свет

Ле Пен: Урсула Лаен ја изгуби довербата на европските влади, во прашање е нејзиниот опстанок на чело на ЕУ!

Марин Ле Пен, една од водечките личности на француската партија Национално собирање и кандидатка за претседател на Франција, изјави дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, повеќе нема доверба кај многу влади на земјите-членки на Европската унија. Според Ле Пен, со тоа се доведува во прашање политичкиот опстанок на Лаен на чело на извршната власт на ЕУ.

Украинец, засега, единствен обвинет за подметнатите експлозии

Германските обвинители тврдат дека делата за кои се товари Серхиј К. – имено, напади врз цивилни цели и предизвикување експлозии што уништиле инфраструктурни објекти и го попречиле функционирањето на јавните услуги – би можеле да се класифицираат како воени злосторства

To top