Македонија

Марковска: Кога жените носат одлуки не ја менуваат само политиката, туку и иднината на целото општество

Не ни се потребни само повеќе жени во политиката, туку повеќе жени што навистина одлучуваат, водат и создаваат промени

Не ни се потребни само повеќе жени во политиката, туку повеќе жени што навистина одлучуваат, водат и создаваат промени. Кога една жена ќе добие можност, таа отвора врата и за други жени. А кога жените учествуваат во носењето на одлуките, тие не ја менуваат само политиката – тие ја менуваат и иднината на своите деца и на целото општество – вели Анета Марковска, советничка и заменик-координаторка на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје.

Марковска е советничка и политичарка од помладата генерација жени во ВМРО-ДПМНЕ и е мајка на две деца. Последниве месеци стана едно од попрепознатливите лица на градскиот Совет пренесувајќи ги ставовите на својата советничка група и партија.

-Верувам дека жената во политиката мора да биде посветена, вредна и подготвена постојано да учи и да се докажува. Но, исто така, верувам дека не треба да работи двојно повеќе само за да ја добие истата доверба што често полесно им се дава на мажите. Политичката кариера бара многу жртви, време и одговорност, а кај жените тој предизвик често е поголем затоа што паралелно се обидуваат да бидат успешни професионалци, политичарки, сопруги и мајки. Затоа, според мене, вистинскиот напредок треба да се темели на знаење, резултати, интегритет и посветеност, а не на полот – вели Марковска за МИА.

Таа смета дека треба да создаваме општество во кое младите жени нема да мора постојано да докажуваат дека заслужуваат да бидат таму каде што се, туку ќе добиваат можност да го покажат својот потенцијал.

-Жената не треба да избира меѓу семејството и кариерата, ниту да се откажува од своите амбиции за да биде добра мајка. Напротив, верувам дека токму жените што успеваат да ги носат тие одговорности можат да внесат дополнителна емпатија, организираност и човечност во политиката. На крајот, не мислам дека жената треба да работи до исцрпеност за да успее. Треба да има знаење, храброст, јасен став и резултати зад себе. А општеството треба да научи да ја вреднува според она што го прави, а не според тоа дали е жена – смета таа.

Балансирањето меѓу работата, политиката и децата, Марковска вели дека не е секогаш лесно, но верува дека кога има јасни приоритети, добра организација и силна мотивација, може да се постигне многу. Се трудам, додава, максимално одговорно да ги извршувам професионалните и политичките обврски, но моите деца секогаш остануваат мојот најголем приоритет и најголема мотивација.

-Мајчинството ме научи на трпение, дисциплина и добра организација, а политичкиот ангажман ми дава можност да придонесувам за заедницата – рече Марковска.

Во последно време сте многу актуелна како заменик координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Град Скопје, а воедно ги извршувате редовните работни обврски и сте мајка на две деца. Како успевате да ги завршите сите обврски имајќи предвид дека тоа бара дополнителни секојдневни напори?


Искрено, не е секогаш лесно, но верувам дека кога имате јасни приоритети, добра организација и силна мотивација, можете да постигнете многу. Се трудам максимално одговорно да ги извршувам професионалните и политичките обврски, но моите деца секогаш остануваат мојот најголем приоритет и најголема мотивација. Секако, има денови кога темпото е навистина динамично и бара дополнителна енергија, но поддршката од семејството ми значи многу. Мајчинството ме научи на трпение, дисциплина и добра организација, а политичкиот ангажман ми дава можност да придонесувам за заедницата. Верувам дека жената не треба да избира меѓу семејството, професионалниот развој и јавниот ангажман — со многу посветеност, добра организација и поддршка, може успешно да ги гради сите тие улоги.

Доаѓате од помладата генерација политичарки во вашата партија. Колку треба да работи жената и колкав треба да биде нејзиниот придонес за да напредува во политичката кариера кај нас? Не зборувам само за вашата партија туку генерално.


Верувам дека жената во политиката мора да биде посветена, вредна и подготвена постојано да учи и да се докажува. Но, исто така, верувам дека не треба да работи двојно повеќе само за да ја добие истата доверба што често полесно им се дава на мажите. Политичката кариера бара многу жртви, време и одговорност, а кај жените тој предизвик често е поголем затоа што паралелно се обидуваат да бидат успешни професионалци, политичарки, сопруги и мајки. Затоа, според мене, вистинскиот напредок треба да се темели на знаење, резултати, интегритет и посветеност, а не на полот. Сметам дека треба да создаваме општество во кое младите жени нема да мора постојано да докажуваат дека заслужуваат да бидат таму каде што се, туку ќе добиваат можност да го покажат својот потенцијал. Жената не треба да избира меѓу семејството и кариерата, ниту да се откажува од своите амбиции за да биде добра мајка. Напротив, верувам дека токму жените што успеваат да ги носат тие одговорности можат да внесат дополнителна емпатија, организираност и човечност во политиката.На крајот, не мислам дека жената треба да работи до исцрпеност за да успее. Треба да има знаење, храброст, јасен став и резултати зад себе. А општеството треба да научи да ја вреднува според она што го прави, а не според тоа дали е жена.

Како според вас треба да се зголеми бројот на жени кои ќе учествуваат во носењето одлуки и на лидерските позиции?


Сметам дека за да имаме повеќе жени на лидерски позиции, мора да им дадеме повеќе можности, поддршка и доверба. Жените имаат знаење, способности и капацитет да носат важни одлуки, но мора да бидат охрабрени да преземат одговорност и да бидат препознаени според своите квалитети и резултати. Како жена во политиката и како мајка, верувам дека можеме да бидеме пример дека семејството, професионалниот развој и лидерството не се исклучуваат. Не ни се потребни само повеќе жени во политиката, туку повеќе жени што навистина одлучуваат, водат и создаваат промени. Кога една жена ќе добие можност, таа отвора врата и за други жени. А кога жените учествуваат во носењето на одлуките, тие не ја менуваат само политиката – тие ја менуваат и иднината на своите деца и на целото општество. Затоа, не чекајте некој да ви даде дозвола да бидете лидерки – верувајте во себе и осмелете се да направите чекор напред.

Како заменик координатор на советничката група во Советот на Градот Скопје сте на удар на критики од страна на опозицијата. Истовремено, генерално, говорот на омраза кон жените, навредите и заканите кон жените се исто така присутни, особено на социјалните мрежи. Како се справувате со нив? 


Критиките се дел од политиката и секогаш сум подготвена да прифатам аргументирана критика. Но, едно е да се критикува работата, а сосема друго е да се навредува, омаловажува или да се упатуваат закани само затоа што сме жени. Сметам дека жената во политиката не треба да има подебела кожа од мажот за да може да ја работи својата работа. Треба да имаме еднакви услови, еднаков третман и почитување. Јас се трудам да одговарам со аргументи, со работа и со резултати, а не да се спуштам на нивото на навредите. Како жена, но и како мајка на две деца, свесна сум дека со личниот пример испраќам порака и до моите деца. Не сакам да растат во општество во кое навредите кон жените се нормализираат или во кое жената треба да молчи за да избегне осуда. Затоа, нема да дозволам навредите да ме обесхрабрат или да ме откажат од она што сум го избрала да го работам. Верувам дека жените треба да бидат гласни, храбри и присутни таму каде што се носат одлуките. Не треба да се повлечеме затоа што некој нè навредува, туку да покажеме дека нашето место во политиката го заслужуваме со знаење, работа и одговорност.

Како жена која ја гради својата политичка и професионална кариера и една од идните лидери во општеството, што е она што недостига кај нас и на што сметате дека треба да се работи во иднина?


Сметам дека потребна е  доверба, еднакви можности и храброст да им дадеме простор на новите генерации, особено на жените кои имаат знаење, визија и капацитет да водат. Ни треба општество во кое ќе се вреднуваат способностите и резултатите, а не полот, возраста или партиската припадност. Општество во кое младите ќе ја гледаат својата иднина тука, а жените нема да мора постојано да докажуваат дека заслужуваат место на столчето. Верувам дека промените не доаѓаат само со зборови, туку со храбри одлуки, конкретни дела и лична одговорност. Затоа, мојата цел е да бидам дел од генерацијата што нема само да зборува за промени, туку ќе ги создава. Не можеме да бараме одговорност од другите ако самите не сме подготвени да ја преземеме.

Како дел од советничката група во Градот Скопје, што е приоритетно во овој период?


Во овој период, наш приоритет како советничка група е да работиме на конкретни решенија што ќе го подобрат секојдневието на скопјани. Тоа значи почист град, подобри услови во јавните претпријатија, поефикасно управување со јавните средства и поголема одговорност за секоја донесена одлука. За нас, политиката не е само дискусија во Советот, туку одговорност да ги решаваме проблемите на граѓаните. Затоа ќе продолжиме да ги поддржуваме проектите што носат реални резултати, но и да бараме отчетност и рационално трошење на секој денар од градскиот буџет. Нашата обврска е Скопје да се менува на подобро, а граѓаните да ги почувствуваат промените во секојдневниот живот.

Разговорот го правиме во октомври – месец за борба против рак на дојка. Дали е планирано на некаков начин да се одбележи тоа во знак на поддршка на жените кои се борат со рак на дојка? 

Ние од оваа година во програмата вметнавме голем буџет за поддршка на онколошки пациенти и сме во континуирана соработка со здруженијата на жените, кои се дел од повеќе тела во Градот. Според последната информација што ја имам 1.200 жени ја примиле оваа поддршка и искрено, за жал, ама бројот се зголемува. Да се надеваме дека поддршката ќе продолжи во континуитет и во 2027 ќе ги поддржиме иако пак ќе кажам дека би сакале таа бројка на болни да се намали.

Кои се вашите приоритети на кои работите и коишто би сакале да се реализираат во следниот период?


Нашите приоритети се јасни – чисто Скопје, подобар јавен превоз, функционални улици и сообраќај, уредени јавни површини и одговорно управување со градскиот буџет. Тоа се наследени проблеми што скопјани ги чувствуваат секој ден и токму тука мора да се испорачаат конкретни резултати. Веќе се преземаат чекори за почиста животна средина, поефикасно управување со градските ресурси и рационализација на администрацијата, со цел повеќе средства да се насочат кон потребите на граѓаните. Во следниот период, фокусот мора да биде на подобрување на комуналните услуги, подобрување на градската  инфраструктура, модернизација на јавниот превоз и поголема грижа за јавните простори. Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, наша обврска е да ги поддржуваме решенијата што носат реална корист, но и да бараме одговорност за секоја обврска што е преземена. На скопјани не им се потребни нови оправдувања, туку видливи промени. Нашата цел е секој вложен денар да се претвори во подобра услуга, подобра инфраструктура и поквалитетен живот за граѓаните.

Најнови вести од: Македонија

Васил Ивановски-Бистришки им одржа на Бугарите и Грците „лекција“ за постоењето на Македонците десет години пред „Тито да ги измисли“! (1)

„Како бугарскиот, така и српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека тие немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме ниту Срби, ниту Грци, ниту Бугари, туку одделна и самостојна македонска нација

To top