Македонија Колумни

Васил Ивановски-Бистришки им одржа на Бугарите и Грците „лекција“ за постоењето на Македонците десет години пред „Тито да ги измисли“! (1)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

Пишува: Свето Тоевски

Во статијата „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“ Васил Ивановски- Бистришки преку 6 точки темелно ја објаснува и ја изложува посебноста на македонскиот народ во однос на балканските завојувачи, македонскиот јазик, култура, историја, неговото создавање на територијата на Македонија. Со тоа ја оправдува целта на борбата за создавање независна, самостојна национална македонска држава. Авторот на овие редови во следните продолженија на оваа колумна ќе ги објави најважните делови од „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“, но и, следејќи ги поставките на Бистришки од 1934, во свој текст под истиот наслов преку аргументи ќе се осврне на посебноста на македонскиот народ денес, како штит против асимилаторската политика кон него, која продолжува и денес бездруго со иста силина како и пред повеќе од еден век.

Првично продолженијата (деловите) на оваа обемна статија, всушност, и политичка брошура, започнале да излегуваат во весникот „Македонско знаме“ на почетокот на 1934 година во Софија. Овој весник бил орган на македонското напредно иселеништво во Бугарија. Поради воениот преврат во Бугарија (19 мај 1934 година) и воведувањето строга воено-фашистичка диктатура, весникот бил веднаш забранет и цензуриран. Бидејќи диктатурата во Софија го оневозможила печатењето на целиот текст на „Зошто сме, ние Македонците,  одделна нација?“ во Бугарија, тој бил испратен и во целост отпечатен како посебна политичка брошура во декември 1934 година во Детроит, САД, од страна на Македонскиот народен сојуз (МНС) за време на нивниот 4 конгрес. Брошурата била објавена на повеќе балкански и светски јазици и раширена меѓу македонското иселеништво низ светот.

Васил Ивановски-Бистришки е македонски истакнат револуционер, публицист и историограф. Историчарот и академик Иван Катарџиев го означува како „борец за идеалот за слободна и обединета Македонијa во Балканот и автор на првата историја на Македонија од Антиката до АСНОМ“. Васил е роден е на 18 октомври 1906 година во костурското село Ловраде во Егејскиот дел на Македонија, денес во Грција. По Првата светска Војна, семејството на Васил Ивановски било протерано од родниот крај. Тие се населуваат во Пловдив, во Бугарија. Васил станува дел од работничкото и синдикалното движење. Во 1923 година станува член на Бугарската коминуистичка партија (БКП). Истовремено активно се вклучува во дејноста на македонското иселеништво во Бугарија.

По предлог на БКП Ивановски бил испратен во 1927 година во Москва да учи во „Комунистичкиот универзитет на националните малцинства на Запад“. Во 1929 година бил примен како член на Сојузната комунистичка партија (болшевици)]. Таму Васил се зближува со Трајко Мишковски, Алексо Демниевски, Малина Попиванова и други дејци од Македонија. Тие го будат македонскиот дух во него. По завршувањето на студиите Ивановски се вратил во Бугарија во 1932 година. Во 1933 година бил избран како член на Централниот комитет на ВМРО (Обединета) за Бугарија (Областен комитет). Васил Ивановски застанува цврсто во одбрана на македонските позиции.

Во весникот „Македонско знаме“ ја објавува брошурата „за идеите и задачите на македонското напредно движење во Бугарија“, а под прекарот „Бистришки“ и најавата на статијата „Зошто ние Македонците сме посебна нација“. Во 1934 година во „Македонско знаме“, весник близок до ВМРО (Обединета) Ивановски ја објавува статијата „Национално-колонијално угнетување во Петричко“, во која говори за асимилаторската политика, која се врши врз Македонците во Пиринска Македонија. Оваа статија заедно со „Зошто ние Македонците сме посебна нација“ предизвикуваат шок кај бугарските националисти.

(продолжува)

Поврзано со: За Бугарите Васил Бистришки „талкал околу македонското прашање“, иако јасно се борел против бугаризацијата на Македонија и Македонците! (2)

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошко – историска анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

To top