Министерството за правда започна консултации со правните факултети и студентите за предложените измени поврзани со полагањето на правосудниот испит. Целта е да се слушнат ставовите на академската заедница и да се дојде до правно издржано решение што ќе ги почитува јазичните права и професионалните стандарди.
Министерот за правда Јетон Шасивари истакна дека измените нема да се носат без учество на засегнатите страни, нагласувајќи дека забелешките и предлозите на студентите и факултетите треба да имаат вистинска тежина.
Предложениот модел треба да овозможи порамноправни услови за кандидатите кои правните студии ги завршиле на различни јазици, без создавање паралелни системи за полагање. Според Шасивари, целта е јазичната сеопфатност да се усогласи со единствените професионални стандарди потребни за функционирање на правосудниот систем.
Министерот порача дека Владата е посветена на унапредување на јазичните права, со целосно почитување на Уставот и законите. За дополнителна правна сигурност и усогласеност со европските стандарди, најави дека во краток рок ќе биде побарано мислење од Венецијанската комисија при Советот на Европа.
Шасивари посочи дека Министерството е подготвено да ги разгледа препораките од Комисијата и дека процесот ќе продолжи транспарентно, со вклучување на сите засегнати страни.