Македонија Колумни

Огромното значење на „Македонскиот манифест“ на Бистришки за посебноста на македонскиот народ сега кога се прогласува дека е бугарски и воздухот, што го дише! (3)

Статијата на Васил Ивановски – Бистришки со наслов „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година, е еден од најзначајните и најтемелните историски документи во 20 век за афирмација на македонскиот национален идентитет и за правилното и целосно решавање на македонското прашање во Балканот. Македонски историчари аргументираат дека е таа текст од клучно значење за македонскиот народ, исто како и „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

Пишува: Свето Тоевски

Авторот на овие редови ги преобјавува во скратена форма најважните делови на оваа пообемна статија на Бистришки, која може да се означи како Манифест на македонизмот.

Првин треба да се укаже на нејзиното значење, кое се состои во следните клучни точки:

  • Научно и теоретско докажување на нацијата: Васил Ивановски-Бистришки ја напишал статијата десет години пред официјалното конституирање на современата македонска држава врз темелите на решенијата на АСНОМ, како израз на конечното остварување на државноста на македонскиот народ – стремежи што опстојувале многу векови по пропаѓањето на Македонското царство на Цар Самуил. Во статијата Бистришки изложува силни и цврсти аргументи.дека Македонците не се Срби, Бугари или Грци, туку посебен народ.
  • Потврда на елементите на нацијата: Тој јасно ги дефинира клучните столбови на македонската посебност: заедничка територија, посебен македонски јазик, специфичен национален карактер (култура) и сопствена историја.
  • Одбрана од асимилација: Статијата е директен одговор и силна одбрана против бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам и нивните обиди за асимилација и негирање на македонското самосознание и македонскиот национален идентитет

Д-р Стојко Стојков и д-р Верица Јосимовска: „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација“ на Бистришки од клучно значење за македонскиот народ како и „За македонцките работи на Мисирков“

Во својот труд „Идеите за создавањето на македонскиот народ пред 1944 година“ д-р Стојко Стојков и д-р Верица Јосимовска од Институтот за историја и археологија на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ја означуваат статијата на Васил Ивановски-Бистришки како еден од „клучните текстови напишани од Македонци, настанати во времето пред 1944 година, кои ја третираат и ја аргументираат идејата за македонската нација, нејзината појава и развој од национална позиција“. Двата автора ја ставаат таа статија на Бистришки на рангот и во иста група со „Славјанско-маќедонската општа историја“ на Ѓорѓија Пулевски, напишана во 1892 година, и со „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков, напишана во 1903 година.

Првично продолженијата (деловите) на оваа обемна статија, всушност, и политичка брошура, започнале да излегуваат во весникот „Македонско знаме“ на почетокот на 1934 година во Софија. Овој весник бил орган на македонското напредно иселеништво во Бугарија. Поради воениот преврат во Бугарија (19 мај 1934 година) и воведувањето строга воено-фашистичка диктатура, весникот бил веднаш забранет и цензуриран. Бидејќи диктатурата во Софија го оневозможила печатењето на целиот текст на „Зошто сме, ние Македонците,  одделна нација?“ во Бугарија, тој бил испратен и во целост отпечатен како посебна политичка брошура во декември 1934 година во Детроит, САД, од страна на Македонскиот народен сојуз (МНС) за време на нивниот 4 конгрес. Брошурата била објавена на повеќе балкански и светски јазици и раширена меѓу македонското иселеништво низ светот.

Еве ги најважните делови на оваа пообемна статија на Бистришки, која може да се означи и Програмски проглас за правилно и целосно решавање на македонското прашање во Балканот: 

Зошто сме ние, Македонците, сме одделна нација?

Одговорот на тоа прашање е од огромно политичко значење. Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. Според бугарскиот мперијализам, Македонците се „најдобриот дел од бугарската нација“. Според српскиот империјализам, Македонците се „чисти Срби“. Според  грчкиот империјализам, Македонците се „словеногласни Елини“. Така, секој од тие наши поробувачи го „оправдува“ задржувањето на соодветниот поробен дел од нашата татковина под свое ропство и истовремено ги оправдува стремежите за завладување на цела Македонија.

За да ги разобличиме тие маневри на поробувачите и да покажеме дека тие немаат никакво право над Македонија, да ја попречиме нивната асимилаторска политика и да водиме доследна борба за извојување на правото на самоопределување,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација која се бори за своето национално ослободување и одделување на своја македонска држава. Во Македонија постојат сите елементи на самостојна македонска нација, со своја територија, јазик и општ национален карактер, со своја македонска историја.

Јазикот на луѓето, што ја сочинуваат македонската нација е словенски, со особен дијалект – македонски. По него секој го разликува Македонецот од Србинот, од Бугаринот, од Русинот и од секој човек од која и да е друга словенска нација. Бугарските и српските великодржавни шовинисти ја користат блискоста на македонскиот јазик со јазиците на нивните нации, за да тврдат дека Македонците се „дел од бугарската нација“, или „чисти Срби“. А ние Македонците не сме ниту едното, ниту другото. Ние не сме „тесто од кое може да се измеси сешто“.

 Не ја определува само јазикот нацијата. Ние, Македонците не сме „дел од бугарската нација“, зашто живееме со поколенија на друга територија, имаме своја историја, специфични нарави, обичаи… и така натаму. Ззаедничка особина за луѓето што сочинуваат одделна нација е националниот карактер, тоа се однесува и на македонската нација. Елементите на самостојниот национален карактер на Македонците се толку силни, што наспроти националното угнетување во Македонија тие никогаш не престанале да се пројавуваат. По вечеринки, свадби, имендени и тн. тие постојано се пројавуваат и меѓу иселеничко-бегалските маси во Бугарија, Америка и насекаде каде што ги има таквите маси. Земени заедно, сите тие елементи ја составуваат македонската нација. Тие се непобитен доказ за тоа дека ние, Македонците, не им припаѓаме ниту на српската, ниту на бугарската, ниту на грчката нација, туку сме одделна нација.

Македонската нација има своја историја на културно и политичко пројавување. Браќата Миладиновци се првите македонски просветители. Тие први ги посветија своите сили за разбудување самостојно национално чувство на македонскиот роб. Тие ги опеаја Охрид и Македонија како своја татковина на чисто македонскословенски дијалект. Тие не го учеа македонскиот народ ниту на српски, ниту на бугарски, туку го учеа на родниот македонски јазик.  Целата македонска историја не е само пројава на македонската нација, не е само стремеж кон своја национална држава, туку е, во исто време, и елемент што го дооформува и доопределува самостојниот карактер на македонската нација. 

…

Бистришки, 1934, Софија, Бугарија – Детроит, САД

(продолжува)

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Поетот Никола Маџиров: Не е најболно тоа што победниците ја пишуваат историјата — туку тоа што тие ги тераат понижените да ја читаат

„Сведоци сме дека сите војни почнуваат со тргување на историите и митовите, а потоа почнуваат одземањата на личните приказни, веднаш штом ќе се исцртаат новите поствоени граници. Моите предци одлучиле да им биде одземен домот наместо личните приказни и така ме задолжија да се сеќавам без да мразам, да пишувам без да верувам во изделканите истории. Затоа што постојат личните приказни прераскажани од гласовите што не се составени од коски, туку од вистини кои не можат да се кремираат или да се изложат пред црвите на времето“, вели најуспешниот современ македонски поет, чија поезија стана препознатлив дел од модерната светска поетска сцена, без да мора читателот прво да знае многу за Македонија.

Дете (13) тепано брутално од 15 малолетници на плоштадот во скопско Влае и со метален предмет – скршени му се забите и нанесени сериозни повреди

Тринаесетгодишно дете било физички нападнато од група малолетници во скопската населба Влае, а според неофицијалните информации, нападот бил толку брутален што детето останало со сериозни повреди, меѓу кои и искршени заби. Според сведоштва, во тепањето бил употребен и метален предмет. Нападот се случил во саботата, на плоштадот „Делфина“, околу 00:30 часот. Според информациите што се […]

Претседателе Филипче, до кога ќе се правиме дека сè е во ред?

Ако и по сите порази, предупредувања и разочарувања не сме подготвени искрено да се погледнеме во очи и да признаеме дека нешто сериозно не функционира, тогаш проблемот е многу подлабок од еден изборен резултат, реагира актуелниот координатор на СДСМ за општинските организации во третата изборна единица, Ацо Велковски

Најнови вести

To top