Болницата,,Пирогов” во Софија каде се прави ревизија на дијагнозата на избеганата Ива Михаилова цели 7 дена молчи за нејзината состојба и опасноста од параплегија или тетраплегија.
Македонски експерт кој соработувал со бугарски медицински установи тврди дека ревизијата за Ива Михаилова може да трае од еден час до максимум 4 дена, што значи дека од ,,Пирогов” досега веќе требало да кажат дали Михаилова е под закана од параплегија или тетраплегија.
Зошто на Пирогов до денеска му е потребно двојно повеќе време од максимално неопходното време за дијагноза не е јасно, но со тоа се зголемуваат шпекулациите дека еминентната софиска болница каде се лекуваа и повредените во Кочани е дел од политичка завера.
Искусните врвни експерти кои ги консултираше expres.mk тврдат дека во реномирана болница за итна медицина и невротрауматологија каква што е „Пирогов“ во Софија, дијагностицирањето на реална закана или опасност од параплегија и тетраплегија се мери во минути до часови за итни случаи, односно до неколку дена кога се работи за вештачење и конзилијарна проценка на постар случај.
Бидејќи прашањето повторно го отвора контекстот на јавно актуелниот случај со Ива Михајлова, важно е да се појасни зошто во вакви специфични случаи процесот на носење дефинитивен заклучок трае неколку дена во болнички услови, а не се решава за пет минути.
Тие тврдат дека во случајов мора да се прави разлика меѓу ургентна траума и ревизија на медицинско вештачење.
Кај акутна повреда специјалистите во „Пирогов“ преку итна Магнетна резонанца (МРИ) и Компјутеризирана томографија (КТ) во рок од 1 до 2 часа можат точно да видат дали има хематом, искршен пршлен или тумор кој врши притисок врз ’рбетниот мозок и се заканува да предизвика парализа.
Во случајот со Ива Михајлова не се работи за свежа, акутна сообраќајна несреќа каде што секундите одлучуваат за операција. Се работи за евалуација на постоечка, хронична или субакутна состојба за која веќе постојат претходни дијагнози во Македонија. Затоа, на лекарите во Софија реално им требаат 2 до 4 дена болнички престој за да направат комплетна ревизија, тврдат дел од експертите кои не веруваат дека врвните лекари на Пирогов ќе прават фалсификати.
За да се потврди или отфрли „опасност од парализа“ која има и правни/судски импликации, лекарскиот конзилиум во „Пирогов“ морала да ги повтори радиолошките снимања при што се прават нови, високорезолутивни МРИ снимки на ’рбетниот мозок за да се споредат со претходните наоди од Скопје.
Со електрофизиолошки испитувања (ЕМГ) се мери брзината на спроводливост на нервните импулси до мускулите на нозете и рацете за да се докаже дали има вистинско органско оштетување.
Потоа сето тоа треба да го анализира мултидисциплинарен конзилиум односно наодите заеднички ги разгледуваат врвни невролози, неврохирурзи и специјалисти по медицинска експертиза за да донесат усогласен и правно издржан заклучок.
Начелно самата медицинска технологија овозможува ризикот да се лоцира за помалку од еден час, но за да се издаде официјално, меѓународно конзилијарно мислење кое во случајов се користи за проценка на способноста за издржување затворска казна или судење, на реномирана институција како „Пирогов“ и се потребни неколку дена детален болнички надзор и испитувања.
Ива Михаилова беше примена на лекување во болницата „Пирогов“ во Софија на 12 октомври 2026 година на ден понеделник.
Таа на засега мистериозен начин заминала од Македонија за Бугарија еден ден претходно, на 11 октомври, по што бугарската болница „Пирогов“ официјално потврди дека е хоспитализирана кај нив за дијагностичко доуточнување и лекување на повредите.