Свет

ЕУ ќе бара од Канада и Британија поголемо финансирање за Украина

ЕУ и нејзините земји-членки обезбедуваат 80 отсто од помошта за Украина, изјави Урсула фон дер Лајен и истакна дека итно е потребно други партнери да го пополнат финансискиот јаз од 70 милијарди евра со кој Киев ќе се соочи следната година

Брисел работи на поблиски односи со двете земји но, исто така, бара партнери кои ќе помогнат во покривањето на растечките трошоци на Киев.

ЕУ се подготвува да ги убеди Канада и Обединетото Кралство да ја зголемат поддршката за Украина, како дел од напорите да се пополни финансискиот јаз од 70 милијарди евра со кој Киев ќе се соочи следната година.

Радев: Решение за војната нема да се постигне со повеќе пари за воени средства

Самитот ЕУ-Канада на 29-30 октомври и самитот ЕУ-Обединето Кралство на 20 ноември ќе му овозможат на Брисел да го изнесе ова барање на највисоко ниво.

Со оглед на тоа што финансиските потреби на Киев растат, а поддршката од САД е неизвесна, Брисел сè повеќе се обраќа кон сојузниците надвор од ЕУ, барајќи од нив поголем придонес. Ова  го изјавија пет претставници на ЕУ, меѓу кои двајца од Европската комисија, како и двајца дипломати од ЕУ, за „Политико“ 

ЕУ и нејзините земји-членки обезбедуваат 80 отсто од надворешната помош за Украина, изјави во петокот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Итно ни е потребно другите партнери да го зголемат својот ангажман.“

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во средата наутро пред Европскиот парламент изјави дека „меѓународните партнери мора да ја интензивираат и зголемат финансиската поддршка за Украина“.

ЕУ се обврза на заем од 90 милијарди евра за 2026 и 2027 година, наменет за покривање на околу две третини од потребите на Украина. Брисел очекуваше другите партнери — вклучително Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Норвешка — да обезбедат дополнителни 45 милијарди евра. Сепак, приливот на овие средства е бавен, бидејќи другите влади сè уште не ја финализирале или исплатиле поддршката што ја очекуваше Брисел.

Иако повиците за помош на Украина во нејзината одбрана не се нови, предвидените трошоци за 2027 година се зголемија. Причините за тоа се интензивирањето на руските напади, зголемувањето на трошоците поради конфликтите на САД и Израел со Иран, како и промената на ставот на Вашингтон кон позиции што се поповолни за Москва.

Ова ја остава Европа, заедно со другите сојузници, да преземе поголем дел од товарот за одржување на Киев.

Политико објавува дека Обединетото Кралство соопшти дека има издвоено вкупно 25 милијарди фунти за Украина, додека Канада вети помош во вредност од 5,4 милијарди евра за воени цели и 8,2 милијарди евра како директна финансиска поддршка.

ЕУ и нејзините земји-членки наведуваат дека, од почетокот на целосната руска инвазија, имаат придонесено со над 231 милијарда евра.

Оваа сума вклучува воена помош, буџетска поддршка и гаранции, помош за Украинците кои престојуваат во земјите од Унијата, како и средства добиени од замрзнатите руски имоти – износ што еден висок дипломат на ЕУ го опиша како „повеќе од доволен“.

Каја Калас: САД речиси две години се обидуваат да ја принудат Украина да се предаде

 

Најнови вести од: Свет

To top