Регион

Пијан претседател на избирачка комисија во Бугарија разрешен за време на изборите

Разрешен од должност откако го пријавиле

Претседател на избирачка комисија во бугарското село Изгрев, во општина Царево во близина на Бургас, е разрешен од должност откако било пријавено дека на избирачкото место се појавил под дејство на алкохол. Случајот го јавува Бугарската национална телевизија (БНТ).

Инцидентот се случил за време на денешните претседателски избори во Бугарија. Пријавата била поднесена телефонски до Регионалната изборна комисија во Бургас.

Според пријавата, претседателот на избирачката комисија покажувал знаци на алкохолизираност уште при превозот на членовите на комисијата до избирачкото место.

По добиените информации, претставници на регионалната комисија извршиле проверка и утврдиле дека тој се однесувал несоодветно и не покажувал интерес за спроведувањето на изборниот процес.

При контролата било констатирано и дека внел алкохол во просторијата во која се одвивало гласањето.

Иако одговарал на прашањата на проверувачите, неговиот говор бил нејасен и отежнат, што дополнително ги засилило сомнежите дека бил под дејство на алкохол.

Регионалната изборна комисија во Бургас донела одлука за негово итно разрешување и поништување на уверението за претседател на избирачката комисија.

На негово место бил назначен нов претседател, а истовремено била направена и промена на функцијата заменик-претседател.

Според првичните информации од изборните власти, гласањето во најголемиот дел од Бугарија започнало без поголеми организациски проблеми.

Најнови вести од: Регион

To top