Министерството за образование одговори на иницијативата на Димитар Бојков, внук од сестра на херојот Наумов, да се направи и постави нова биста, во соработка со Општинската организација на Сојузот на борци од НОБ – Гази Баба и раководството на Државниот студентски дом „Скопје“. Бојков рече дека домот го носи името на Стив Наумов откога е изграден, а тогаш имало и споменик во кругот на домот.
– Бистата беше украдена, а основата почна да се оштетува. И покрај многубројните ургенции, споменикот не се обновуваше. Најчест одговор беше поради немање пари. Сега, со реновирање на домот, благодарение на Владата на Македонија и Министерството за образование и наука, споменикот е обновен. По тој повод, од име на најблиските роднини на Стив, упатувам посебна благодарност до министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и до нејзините соработници Игор Крстевски и Роберт Аџи Петров, за нивното несебично залагање за обезбедување пари и обновување на споменикот. Вајарот Далибор Николовски-Дачо успеа за релативно кратко време да изваја една од најавтентичните бисти на Стив – изјави Бојков.
Претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци од НОБ – Гази Баба Трајче Георгиевски, нагласи дека со ова се чествува роденденот на народниот херој, кој загинал на неполни 22 години. „По 20 години повторно е ставена бистата на Стив Наумов. Ние се грижиме за минатото, особено за спомениците и ова е последен споменик од 26-те обележја во Гази Баба, Петровец, Илинден и Арачиново, што успеавме да го обновиме, Најмногу успеа Димитар Бојков, со неговото трчање и со нашите пишувања и барања. Сите треба да ги чуваме спомениците на луѓето кои ги дале животите за нашата слобода. Да го паметиме минатото, затоа што без минато нема иднина.“ – порача Георгиевски.
Директорот на Државниот студентски дом „Скопје“, Александар Каровски, се заблагодари до МОН и до Владата за создадените услови да се постави нова биста и истакна дека овој чин покажува како се негува традицијата и како се почитуваат народните херои кои ги жртвувале своите животи за слободата.
Во врска со некои поплаки од студенти и обвинувања од опозицијата за прокапување во домот, директорот Каровски рече дека се соочуваат со ситни проблеми и оти прокапувањето било предизвикано од затнувања. – Водата кога протекува главно е од затнување. Имавме проблем со фрлени влажни марамчиња, од коса итн. Тоа се случува, ние ги санираме. Објектот има 18 години гаранција, како и целата опрема. Пријавуваме до проектната единица, доаѓаат изведувачите и ги санираат тие тековни проблеми. Нормално е во толку големи објекти да има некои ситни проблеми. Апелирам и до студентите дека треба да внимаваат на куќниот ред и на правилникот. Имаат потпишано договори и треба да го чуваат сето тоа што тука е инвестирано, зашто во спротивно ќе мора да одиме со санкции – изјави Каровски.
Тој додаде дека во „Стив Наумов“ е исполнет сместувачкиот капацитет – 1.014 студенти има во зградите и 138 во бараките, кои беа реновирани пред 15-ина години, и се во склоп на студентската населба. Покрај собите во кои се сместени, студентите имаат на располагање читалница, менза и други заеднички простории.