Македонија

По 20 години нова биста на народниот херој Стив Наумов пред студентскиот дом во Скопје, кој го носи неговото име

Еден месец по отворањето на темелно реновираните објекти, во студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда поставена е и биста на народниот херој по кого е именуван домот, речиси две децении откога е украдена претходната. Бистата официјално беше откриена денеска во присуство на претставници од Сојузот на борци од НОВ, кои положија цвеќе пред споменикот на Стефан Стив Наумов (1920 – 1942), роден на денешен ден пред 106 години.

Министерството за образование одговори на иницијативата на Димитар Бојков, внук од сестра на херојот Наумов, да се направи и постави нова биста, во соработка со Општинската организација на Сојузот на борци од НОБ – Гази Баба и раководството на Државниот студентски дом „Скопје“. Бојков рече дека домот го носи името на Стив Наумов откога е изграден, а тогаш имало и споменик во кругот на домот.

– Бистата беше украдена, а основата почна да се оштетува. И покрај многубројните ургенции, споменикот не се обновуваше. Најчест одговор беше поради немање пари. Сега, со реновирање на домот, благодарение на Владата на Македонија и Министерството за образование и наука, споменикот е обновен. По тој повод, од име на најблиските роднини на Стив, упатувам посебна благодарност до министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и до нејзините соработници Игор Крстевски и Роберт Аџи Петров, за нивното несебично залагање за обезбедување пари и обновување на споменикот. Вајарот Далибор Николовски-Дачо успеа за релативно кратко време да изваја една од најавтентичните бисти на Стив – изјави Бојков.

Претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци од НОБ – Гази Баба Трајче Георгиевски, нагласи дека со ова се чествува роденденот на народниот херој, кој загинал на неполни 22 години. „По 20 години повторно е ставена бистата на Стив Наумов. Ние се грижиме за минатото, особено за спомениците и ова е последен споменик од 26-те обележја во Гази Баба, Петровец, Илинден и Арачиново, што успеавме да го обновиме, Најмногу успеа Димитар Бојков, со неговото трчање и со нашите пишувања и барања. Сите треба да ги чуваме спомениците на луѓето кои ги дале животите за нашата слобода. Да го паметиме минатото, затоа што без минато нема иднина.“ – порача Георгиевски.

Директорот на Државниот студентски дом „Скопје“, Александар Каровски, се заблагодари до МОН и до Владата за создадените услови да се постави нова биста и истакна дека овој чин покажува како се негува традицијата и како се почитуваат народните херои кои ги жртвувале своите животи за слободата.

Во врска со некои поплаки од студенти и обвинувања од опозицијата за прокапување во домот, директорот Каровски рече дека се соочуваат со ситни проблеми и оти прокапувањето било предизвикано од затнувања. – Водата кога протекува главно е од затнување. Имавме проблем со фрлени влажни марамчиња, од коса итн. Тоа се случува, ние ги санираме. Објектот има 18 години гаранција, како и целата опрема. Пријавуваме до проектната единица, доаѓаат изведувачите и ги санираат тие тековни проблеми. Нормално е во толку големи објекти да има некои ситни проблеми. Апелирам и до студентите дека треба да внимаваат на куќниот ред и на правилникот. Имаат потпишано договори и треба да го чуваат сето тоа што тука е инвестирано, зашто во спротивно ќе мора да одиме со санкции – изјави Каровски.

Тој додаде дека во „Стив Наумов“ е исполнет сместувачкиот капацитет – 1.014 студенти има во зградите и 138 во бараките, кои беа реновирани пред 15-ина години, и се во склоп на студентската населба. Покрај собите во кои се сместени, студентите имаат на располагање читалница, менза и други заеднички простории.

Најнови вести од: Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Падот почна од СДС, Филипче и Заев, па продолжи со Вучиќ

Денес Филипче се обидува да се претстави како жесток критичар на Александар Вучиќ, но сите добро се сеќаваме на периодот кога тој и Зоран Заев градеа блиски политички односи со него, склучуваа пактови, а имаше големи дружби и пијанчења до раните утрински часови

Сиљановска-Давкова: Уставот не е само закон над законите, туку и општествен договор меѓу граѓаните и државата

Средбата со младите правници е дел од серијата разговори што тие ги иницираа со личности кои учествувале во создавањето, толкувањето и изучувањето на Уставот

To top