Света Петка е една од најпочитуваните светителки кај македонскиот народ, а празникот традиционално се поврзува со молитви за здравје, семејна благосостојба и заштита од несреќи.
Според црковното предание, Света Петка била родена во Епиват, место во близина на Цариград, во побожно христијанско семејство.
Била родена кон крајот на X век, во петок, и затоа, ѝ го дале името Параскева. Родителите ѝ биле богати христијани од словенско потекло.
Уште од младоста покажувала интерес за духовниот живот, а по смртта на родителите го напуштила домот и заминала во Јорданската пустина, каде што живеела во молитва, пост и скромност.
Во староста, според житието, добила порака да се врати во родниот крај, каде што починала. По нејзината смрт, нејзините мошти станале предмет на особена почит и низ вековите биле пренесувани на повеќе места. Денес се чуваат во градот Јаш, во Романија.
Во народното верување, Света Петка се смета за заштитничка на болните, немоќните и луѓето што бараат помош преку молитва.
Празникот се одбележува со различни обичаи, зависно од регионот и семејната традиција: Верниците посетуваат цркви, палат свеќи и се молат за здравје, мир и благосостојба на семејството; во некои места се носат пет мали леба во црква за осветување. Обичајот се поврзува со библискиот настан кога Христос нахранил илјадници луѓе со пет леба.
Семејствата што го празнуваат денешниот празник како домашна слава организираат свечен ручек и ги пречекуваат роднините и пријателите.
Во некои краеви леб, вино и пченица се носат во црква како дел од празничните обичаи, а во народната традиција постојат извори наречени „Петкови води“, за кои се верува дека имаат исцелителна моќ, па затоа се посетуваат свети места и извори.
Се верува дека на енешниот празник треба да се избегнуваат тешки домашни работи.
Денешниот празник, кој секогаш паѓа на 27 октомври, се смета и за почеток на циклусот зимски слави што следуваат во православниот календар.