Хроника

„Нетпрес“: Атанас Костов, зетот на Зоран Заев, намерно предизвикал стечај, за да не плати долг од пет милиони евра!

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против А.К., сопственик и управител на правно лице од Валандово, против самата фирма и против управител на друго правно лице од Дојран, поради сомневање за намерно предизвикување стечај, заради избегнување на обврските кон доверителите. „Овој случај се поврзува со зетот на поранешниот премиер Зоран Заев Атанас Костов и спорот за наплата на побарување од австриската компанија „АММА“, која според претходни медиумски објави, се обидува да наплати речиси пет милиони евра врз основа на арбитражна пресуда во Виена.“ – објави информативната агенција „Нетпрес“.

Натаму информативната агенција истакнува: Финансиската полиција соопшти дека постојат основи на сомнение дека Костов, во периодот од 2020 до 2023 година, како сопственик, управител и овластен потписник на сметките на друштвото, преземал противправни дејствија со намера да избегне плаќање финансиски обврски кон повеќе правни субјекти и да ја оневозможи наплатата на долговите. Најголемиот дел од обврските, според пријавата, се однесувале на странски правен субјект во износ од 289,6 милиони денари, а долгот кон Управата за јавни приходи изнесувал 883 илјади денари.

„Според прибраните докази постојат основи на сомнение дека првопријавениот А.К. во својство на сопственик и управител, како и овластен потписник на сметките на правниот субјект, во период од 2020 до 2023 година, со цел и со однапред утврдена намера да избегне плаќање на финансиски обврски кон повеќе правни субјекти, а во најголем дел кон странски правен субјект во износ од 289, 6 милиони денари и Управата за јавни приходи за износ од 883 илјади денари, презел противправни дејства, насочени кон намерно доведување на правниот субјект во привидна финансиска немоќ и со тоа да ја оневозможи наплатата на долговите од страна на доверителите“, се наведува во соопштението.

Според Финансиската полиција, за да создаде привидна правна основа за оптоварување на имотот на друштвото, Костов склучил договор за закуп со друго правно лице со кое исто така управувал. Иако договорот, според наводите во пријавата, не бил реално реализиран ниту сметководствено евидентиран, по неговото еднострано раскинување во 2023 година биле евидентирани пенали во износ од 233, 7 милиони денари. Врз основа на нив бил запишан товар врз имотот на друштвото. По приговор на доверителите, Основниот граѓански суд Скопје издал времена мерка, со која било запрено извршувањето. Откако не успеал во намерата за отуѓување на недвижниот имот, Костов, според наводите на Финансиската полиција, со помош на третиот пријавен, Ј.Т., презел дополнителни дејства за предизвикување стечај на друштвото.

При тоа, се додава, биле префрлени 4 милиони денари по основа на заем, пари кои претходно биле примени од правен субјект, основан од сопругата на првопријавениот, по што бил поднесен предлог за отворање стечајна постапка против друштвото, се наведува во соопштението. Австриската компанија од почетокот на 2023 година се обидува да го наплати побарувањето врз основа на арбитражна пресуда во Виена, поврзано со деловен спор за извоз на корнишони. Според тие информации, спорот произлегол од наводи дека наместо корнишони од прва класа да ѝ бидат извезени на австриската компанија, производите биле извезувани на друг странски субјект.

Во меѓувреме, сопственикот на „Дена продукт“, Атанас Костов, наводно ги префрлал вработените и средствата во друга компанија, „Глобал трејд“, поврзана со неговата сопруга Емилија Заева-Костова, прва братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев.

Најнови вести од: Хроника

Најнови вести

To top