„Т Priority“ е најновата услуга на „Македонски Телеком“, овозможена од првата самостојна 5G+ мрежа во Македонија, со која се добива приоритетен пристап до мрежата во моментите кога му е најпотребно на корисникот.
„Пред 30 години ја поставивме првата мобилна мрежа и го започнавме развојот на мобилните комуникации во земјата. Денес, со првата 5G+ мрежа, го правиме следниот голем чекор. Но, технолошкото лидерство за нас не е само прашање на нови технологии, туку и на вредноста што ја создаваме за луѓето, компаниите и општеството. Горди сме на патот што го поминавме, но уште повеќе нè инспирира она што е пред нас. Со 5G+ го отвораме следното поглавје на дигиталниот развој на Македонија“, изјави главниот извршен директор на „Македонски Телеком“, Горан Марковиќ, на денешната промоција на мрежата 5G+ и на услугата „Т Priority“.
„5G+ е почеток на новата генерација мобилни услуги. Досега мрежата обезбедуваше исто искуство за сите, а сега можеме да понудиме поврзување приспособено на конкретните потреби на корисниците. Тоа значи дека, кога некому му е важно да има стабилна конекција, без оглед на тоа дали е на концерт со илјадници луѓе или има важен деловен видеоповик, може да добие приоритетен пристап до мрежата. Но, ова е само почеток. 5G+ отвора можности за нови дигитални искуства, cloud gaming, AI апликации, поврзани уреди и напредни решенија за бизнисите и индустријата. Со оваа технологија не воведуваме само нова мрежа, туку создаваме основа за услугите на иднината“, изјави Маја Милосавлевска-Наумовска, главен директор за техника и ИТ на „Македонски Телеком“.
Мрежата 5G+ за македонските корисници е овозможена за рекордни 10 месеци, наспроти другите компании на „Дојче телеком“, на кои им беа потребни 2,5 години, додаде таа.
Услугата „Т Priority“ се активира преку апликацијата „Telekom MK“ и важи 24 часа од активирањето. Во почетната фаза, таа може да се користи на моделите T Phone 3 Pro, Samsung Galaxy S26, S26+, S26 Ultra, а наскоро и Xiaomi 14T Pro и Xiaomi 15.