Поранешниот заменик-директор на ФБИ, Ден Бонџино, упати јасен повик до американските граѓани да се подготват за евентуални кризни ситуации.
Тој ги советува навреме да обезбедат резерви од храна, вода, батерии и други основни потреби.
Предупредувањето доаѓа во момент кога и повеќе европски земји ги поттикнуваат своите граѓани да бидат подготвени за вонредни состојби, додека американското Министерство за одбрана работи на планови воените бази да останат функционални и при прекин на цивилната инфраструктура.
„Набавете го сето она што ви е потребно уште денес. Ве молам, направете го тоа за вашето семејство“, порача Бонџино, кој по заминувањето од ФБИ се профилира како конзервативен коментатор и подкастер.
Тој советува набавка на радиоприемници за итни случаи, батерии, храна со долг рок на траење, како и опрема за собирање и прочистување вода.
Подготовката, според него, не треба да создава паника, туку да им овозможи на семејствата полесно да се справат со евентуални прекини во снабдувањето.
Повикот доаѓа по објавувањето детали за американскиот одбранбен план „Тврдина“. Целта на планот е воените бази на континенталниот дел од САД да можат самостојно да ги задоволуваат основните потреби најмалку 90 дена – вклучувајќи електрична енергија, вода, гориво, комуникации, муниција, медицински материјали и резервни делови.
Меѓу опциите што се разгледуваат се преносливи нуклеарни реактори, големи батериски системи и локални електроенергетски мрежи независни од надворешно снабдување. Предвидена е и можност цивилните фабрики при потреба да се пренасочат кон одбранбено производство.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, истакна дека американската војска не сака националната одбрана да зависи од вообичаената цивилна инфраструктура.
Слични совети веќе се даваат во Велика Британија, Шведска, Германија, Ирска, Холандија и Франција.
Британската влада на 22 октомври започна кампања со која ги повикува домаќинствата да обезбедат основни залихи за неколку дена. Шведска препорачува граѓаните да можат самостојно да се снајдат најмалку една недела.
И Јапонија се подготвува за сличен повик. Според најавите, на 2 ноември властите ќе ги поттикнат домаќинствата да имаат најмалку тридневни резерви од храна, вода и хигиенски производи.
Засега ниту европските препораки ниту предупредувањето на Бонџино не укажуваат на конкретна непосредна закана. Се работи за општа подготовка за различни можни вонредни ситуации.