Министерството за дигитална трансформација официјално ја промовираше мобилната апликација m.Uslugi, преку која граѓаните ќе имаат пристап до електронски документи и јавни услуги директно од својот мобилен телефон.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на промоцијата во Македонската филхармонија истакна дека целта е да се поедностави пристапот до услугите и да се намали потребата од одење по шалтери и носење документи меѓу институциите.
Апликацијата е бесплатна, а нејзиното користење е доброволно. Таа овозможува дигитално чување документи, пристап до првите електронски услуги и споделување само на потребните лични податоци, без да се откриваат сите информации од документот.
„Со m.Uslugi почнуваме да го менуваме односот меѓу државата и граѓаните“, порача Андоновски, нагласувајќи дека вистинската дигитализација подразбира и поедноставување на постапките, а не само нивно префрлање на мобилен телефон.
Апликацијата е развиена врз основа на идеја започната во 2024 година, инспирирана од украинскиот модел Diia, а концептот е надграден во рамките на европскиот проект GovTech4All, поддржан преку програмата Digital Europe.
Во следните фази се планираат интегрирање плаќања, додавање нови електронски документи – меѓу кои изводи, уверенија и дипломи – како и проширување на бројот на достапни услуги.
Андоновски ги повика институциите да се вклучат со нови услуги, а граѓаните и медиумите да ја користат апликацијата и да предлагаат подобрувања.
Тој посочи дека успехот ќе се оценува според заштеденото време, намалувањето на административните чекори и бројот на услуги што ќе можат целосно да се завршат електронски.