ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата на СДСМ за случајот со „Алта банка“, обвинувајќи ја опозициската партија дека со манипулации се обидува да создаде несигурност кај граѓаните.
Од партијата реагираат дека не се точни тврдењата оти гувернерот посочил дека одлуката поврзана со „Алта банка“ ја донел премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спинуваат изјавите, треба да покажат одговорност и да престанат со свесен обид за создавање паника“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека надлежните институции работат на изнаоѓање решение со цел граѓаните да не бидат оштетени, а ги обвинија СДСМ и нивните претставници дека со нападите врз институциите исполнуваат туѓи агенди.
ВМРО-ДПМНЕ паралелно упати критики кон поранешната власт, посочувајќи ги финансиските текови поврзани со 110 милиони евра насочени кон струмички фирми поврзани со семејството Заеви.
Од партијата оценуваат дека СДСМ се обидува да ја префрли одговорноста за случајот со „Алта банка“, иако, според нив, одлуките и надлежностите се утврдени со законската институционална поставеност.
„Го повикуваме Јавното обвинителство да ги испита наводите и евентуалното постоење елементи на кривично дело саботажа од член 315 од Кривичниот законик“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ претходно побараа Обвинителството да отвори истрага за случајот и да ја утврди евентуалната одговорност на сите инволвирани во процесот на влез на „Алта банка“ во Македонија.