Јавното обвинителство оформува предмети врз основа на докази, не врз основа на барања од политички партии, е ставот на Обвинителството што го пренесоа неколку медиуми откако лидерот на СДСМ Венко Филипче побара итно да се отвори предмет за „Алта Банка“ АД Битола и да се истражи улогата на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во овој случај.
Премиерот Мицкоски денеска рече дека нема ништо против и дека се согласува Обвинителството да отвори случај и да спроведе истрага.
СДСМ отворено му се закани на републичкиот обвинител Ненад Савески кому му порача дека „во Србија се апсат обвинители, па ако не постапи според очекувањата и него го чека иста судбина“.
–Ако Обвинителството не постапи, СДСМ најавува кривични пријави за Алта банка. Савески дека јавниот обвинител мора да биде независен и да работи според Уставот и законите. Со полагањето заклетва му дал збор на народот. Наскоро се очекуваат апсења на обвинители во Србија. Савески навреме нека се огради од Мицкоски и нека почне да си ја врши работата во интерес на граѓаните на Македонија, бидејќи во спротивно го чека истата судбина како неговите колеги во Србија. Савески, часовникот отчукува. Постапете веднаш! – рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Како што е познато, Филипче во деновите по отварањето на случајот упорно бара истрага против премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, иако владата нема никаква врска со банкарскиот сектор. Дури побара и вклучување на Европското јавно обвинителство во проверката на финансиските текови поврзани со банката.