Експертот по монетарна економија М-р Павле Гацов денеска реагираше на политички изјави и објави на социјалните мрежи поврзани со Алта банка – Битола, нагласувајќи дека станува збор за целосно македонска банка која работи според домашните прописи.
Гацов вели дека Алта банка е регистрирана според македонските закони, работи во согласност со Законот за банките и е под надзор на Народната банка на Република Македонија. Основачкиот капитал е уплатен и не може да се повлече без исполнување на соодветна законска процедура. Депозитите се на македонски граѓани и компании, а кредитите се одобрени во корист на македонски субјекти. Банката плаќа даноци во земјава, а нејзините вработени се македонски граѓани.
„Сопственоста е менлива работа, и куќа менува сопственик, но таа останува иста-непроменета“, наведува Гацов.
Тој повика гувернерот на Народната банка јавно да се изјасни и да воведе засилен надзор над работењето на банката, со цел да се спречи „психозата“ предизвикана од некоректни политички изјави и злорадост во дел од објавите.
Гацов се потсети на слични ситуации од пред неколку години, кога политичари ширеле стравувања за девалвација, како и на брзите мерки преземени кон друга домашна банка.
Според податоците што ги наведува, средствата на Алта банка – Битола на 30 септември 2026 година биле поголеми од вкупните обврски (депозити, камати и друго) за повеќе од 30 милиони евра.
Гацов предупреди дека брзото подигање на депозитите поради хушкачка атмосфера ќе им нанесе загуби на депонентите, бидејќи ќе ја изгубат целосната камата пресметана од почетокот на депонирањето. „Дали овие загуби ќе им бидат покриени од злорадосните политичари и хушкачите по социјалните мрежи!?“, прашува тој.
Објавата на Гацов доаѓа во период на зголемено внимание кон банкарскиот сектор и е наменета, како што самиот посочува, внимателно да се прочита.
Предходно и македонската банка објави добри вести
АЛТА банка АД Битола е ликвидна и продолжува со стабилно и непречено работење