Бизнис

Дебата: Како Македонија ја издржува кризата и обезбеди раст на економијата?!

Глобалната економија и понатаму е под голем притисок. Геополитичките тензии, високите цени на енергијата, проблемите во глобалната трговија и поскапото финансирање оставаат последици и врз земјите од Западен Балкан, а со тоа го стеснуваат и просторот на владите за реакција кога ќе дојде нова криза, рече министерката за финансии, и порача дека државата мора навреме да си создаде простор за маневрирање, наместо да го бара дури кога ќе избувне кризата.

Фискалната отпорност, одговорното управување со јавните финансии и создавањето простор за реакција при идни кризи се клучни за стабилноста и растот на македонската економија во услови на зголемена глобална неизвесност, беше истакнато на регионалната конференција „Охрид 2026“. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека фискалниот простор мора да се создава пред да биде потребен.

  • Фискалната отпорност не се гради во моментот кога кризата ќе започне. Таа се гради претходно – преку одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на дефицитот, внимателно управување со јавниот долг, подобра наплата на приходите и повисок квалитет на јавната потрошувачка – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа истакна дека иако дел од земјите во регионот не се дел од еврозоната, тие се дел од европскиот економски простор преку трговијата, инвестициите, финансиските текови, пазарот на труд и синџирите на снабдување, поради што економските движења во еврозоната директно влијаат врз економиите од Западен Балкан. Според неа, пандемијата, енергетската криза, високата инфлација, геополитичките тензии, нарушувањата на глобалните синџири на снабдување и зголемените трговски бариери покажале дека неизвесноста повеќе не е исклучок, туку трајна карактеристика на економското окружување.

Македонија во такви услови, рече таа, избрала пат на постепена и одговорна фискална консолидација, а паралелно работи на подобрување на планирањето и управувањето со јавните инвестиции, дигитализацијата, модернизацијата на даночната администрација и борбата против сивата економија. Таа нагласи дека следниот циклус на раст во Западен Балкан не може да се темели само на поголема потрошувачка, туку мора во поголема мера да биде воден од продуктивноста, со силен акцент на стратешките инвестиции во инфраструктурата и енергетиката. Како четири принципи на политиката што ја следи Македонија – стабилноста, отпорноста, инвестициите и продуктивноста.

На потребата од внимателно водење на економската политика се осврна и професорот од Економскиот факултет Борче Треновски, кој оцени дека Македонија, како мала, отворена и извозно зависна економија, е особено ранлива на глобалните економски шокови.

  • Колку сме поотворени и поизвозно зависни, толку сме поранливи на глобалните ризици. Поврзани сме со европската економија, поврзани сме со германската економија, а поврзани сме и со странските директни инвестиции – рече Треновски.

Тој посочи дека економските политики можат да ги ублажат надворешните ризици, но не можат целосно да ги отстранат, особено во услови на глобални превирања, ризици од инфлација, неизвесност околу каматните стапки и забавување на економскиот раст. Треновски предупреди и на ризиците поврзани со јавниот долг, кој, како што посочи, е околу 60 проценти, во услови кога глобалните финансиски потреби се исклучително високи.

  • Ако дојде до зголемување на каматните стапки и до влошување на глобалните економски услови, ние сме во ситуација кога мораме повторно да се задолжиме за да се раздолжиме. Ако растат каматните стапки, имаме и тука дополнителен ризик – рече Треновски.

Според него, евентуалното забавување на економскиот раст би го отежнало отплаќањето на постојните долгови и кредити, додека државата истовремено би морала да носи политики за заштита на стандардот на граѓаните и бизнисите.

Поранешниот хрватски министер за финансии Здравко Мариќ, осврнувајќи се на искуството на Хрватска, порача дека во добри економски времиња проблемите не треба да се ставаат „под тепих“, туку дека токму тогаш треба да се создава простор за справување со идните кризи.

  • Треба да најдеме заштеди во различни сегменти и трошоците да ги усогласиме со приходите – рече Мариќ, посочувајќи дека во 2016 година буџетскиот дефицит бил намален на под еден процент од БДП, а почнало да се намалува и учеството на јавниот долг во БДП.

Тој нагласи дека за подобрувањето на позицијата на Хрватска бил важен и конструктивниот, продуктивен, отворен и транспарентен дијалог со Европската комисија и Европската централна банка. Тој посочи и дека зголемените издвојувања за одбрана претставуваат дополнителен притисок врз  јавните финансии и го ограничуваат просторот за маневар на државите.

Во рамки на Форумот во Охрид се одржа и панел-дискусијата на тема „Од притисокот во еврозоната до фискална отпорност: Буџетски приоритети, реалности во приватниот сектор и регионални лекции“, на која ќе се разговара за влијанието на економските движења во Европа врз јавните финансии и деловното опкружување во регионот.

На конференцијата учествуваат министри за финансии, директори на даночни администрации, владини претставници и економски експерти од земјите во регионот. Собирот има цел да придонесе кон зајакнување на фискалната отпорност, одржливиот економски развој и регионалната соработка во услови на сè покомплексна глобална економска средина.

Најнови вести од: Бизнис

Од 2027 нова обврска пред патување во Шенген зоната – се воведува системот за одобрување на патување

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во писмо испратено до земјите членки пред октомврискиот состанок на Европскиот совет најавила дека ETIAS се очекува да биде активиран следната година.

HELLENiQ ENERGY инвестира над милијарда евра во обновливи извори и складирање енергија во Романија

HELLENiQ ENERGY ја забрзува својата регионална експанзија со планирани инвестиции од над една милијарда евра во Романија до 2030 година, насочени кон развој на обновливи извори и системи за складирање енергија. Со целно портфолио од 1,3 GW, Романија станува вториот најзначаен пазар за раст на компанијата, по Грција.

Мисијата на ММФ во посета на Народна банка

Посетата е дел активностите на ММФ со земјите членки и претставува можност за размена на мислења и разгледување на состојбите во економијата и финансискиот систем, спроведувањето на економските политики и предизвиците во претстојниот период.

Компаниите што исплаќале плати преку „АЛТА банка“ ќе можат да ја вршат исплата

Народната банка внимателно ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и продолжува со приспособување на мерките, имајќи ги предвид условите за работење на Банката и потребите на нејзините клиенти.

To top