Бизнис

Една година во СЕПА: Над 5 милиони евра заштеди за граѓаните и фирмите

Народната банка останува посветена на натамошна модернизација и приближување на домашниот финансиски систем до европските стандарди и унапредување на платежната инфраструктура што ќе ја зголеми ефикасноста и ќе обезбеди современи, брзи и достапни плаќања за граѓаните и бизнисите.

Се одбележува една година од оперативното приклучување на нашата земја кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, што претставува историски чекор кон модернизација и европска интеграција на домашниот платен систем, со конкретни и видливи придобивки за граѓаните и бизнис-заедницата, но и за економијата во целина. Ова значајно достигнување ја потврдува посветеноста на Народната банка за примена на европските стандарди, како и подготвеноста и капацитетот на домашниот банкарски сектор за успешно интегрирање и функционирање во рамките на заедничкиот европски пазар. Клучната придобивка на пристапувањето кон СЕПА е  унапредувањето на прекуграничните плаќања во евра со 40 нејзини земји членки, овозможувајќи им на граѓаните и на бизнис-заедницата побрзо, поедноставно и значително поевтино извршување на плаќањата, под услови споредливи со оние во Европската Унија.

Се проценува дека како резултат на интеграцијата во СЕПА, досега се остварени заштеди од над 5 милиони евра. Имено, заклучно со септември 2026 година се остварени повеќе од 581 илјада трансакции преку СЕПА, чијашто вкупна вредност достигнува околу 11 милијарди евра. Надоместоците за плаќањата преку СЕПА се намалени и до шестпати за граѓаните и до деветпати за компаниите, споредено со моделот на кореспондентно банкарство. Се очекува овие заштеди да растат како што напредува преминот кон каналот СЕПА, што создава можности за нови инвестиции кај компаниите, особено во рамките на  малите и на средните претпријатија и обезбедува директна поддршка на расположливиот доход на домаќинствата.

За помалку од една година од пристапувањето, СЕПА прерасна во водечки канал за извршување и прием на прекуграничните плаќања во евра достапен преку секоја домашна банка. Заклучно со септември 2026 година, учеството на трансакциите преку СЕПА во вкупниот број прекугранични трансакции за прилив и одлив во евра достигна 69%. Речиси подеднакво е учеството кај прекуграничните трансакции и за одлив (67%) и за прилив (70%), што укажува на тоа дека граѓаните и компаниите сѐ почесто ја користат СЕПА и за испраќање во и за прием на средства од странство. Важноста на инфраструктурата на СЕПА се потврдува и според вредноста на трансакциите, при што заклучно со септември 2026 година, преку СЕПА се обработени повеќе од половина од вредноста на прекуграничните трансакции во евра за прилив и над 70% од вредноста на оние за одлив.

Во однос на структурата на корисниците, и граѓаните и компаниите сѐ почесто ги користат плаќањата преку СЕПА, при што електронските канали имаат позначајно учество, што придонесува кон дигитализација на плаќањата и намалување на употребата на готовината во секојдневието. Имено, 70% од електронските трансакции за прилив и 80% од оние за одлив на физичките лица се извршени преку СЕПА, додека кај компаниите, трансакциите преку СЕПА учествуваат со 70%, односно 65%, во електронските трансакции за прилив и одлив.

СЕПА не носи придобивки само преку поефикасни и подостапни прекугранични плаќања,  туку  создава и долгорочни развојни можности за економијата преку иновации, дигитална трансформација, зголемена конкурентност и поширока финансиска вклученост. Позитивното влијание од СЕПА се очекува да се засили во следниот период.

Народната банка останува посветена на натамошна модернизација и приближување на домашниот финансиски систем до европските стандарди и унапредување на платежната инфраструктура што ќе ја зголеми ефикасноста и ќе обезбеди современи, брзи и достапни плаќања за граѓаните и бизнисите.

Најнови вести од: Бизнис

АЛКАЛОИД“ е првата домашна компанија добитник на престижниот меѓународен сертификат TOP EMPLOYER 2026

Меѓународната сертификација претставува потврда за континуираното вложување во знаењето и професионалниот развој на вработените, како и за стратешката определба на компанијата за унапредување на корпоративните практики и за создавање квалитетна и поттикнувачка работна средина

Предлогот да се исплаќа плата по работен час прифатлив за КСС, Владата вели треба да се разгледаат и да се изанализираат сите предлози

Идејата да се плаќаат вработените по работен час, што ја изнесе Сојузот на стопански комори, е прифатлива и за Конфедерацијата на слободни синдикати. Оттаму велат дека време е да се смени методологијата за пресметка на платите. Владата искажува став дека се отворени за дијалог и разгледување на сите предлози, но дека треба да се направат анализи.

Народната банка ги одбележува Светскиот ден на штедењето и Деновите на финансиската писменост

Народната банка веќе четиринаесетта година го одбележува Светскиот ден на штедењето. Деновите на финансиската писменост се одржуваат по десетти пат и се во организација на финансиските регулаторни институции  ̶  Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за надзор на пазарот на капитал, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија.

Можно ли е во Македонија да се работи четири дена во неделата?!

Просечната потрошувачка кошница во септември изнесувала 58.117 денари, што е за 358 денари или 0,6 проценти помалку во однос на август, но за 1.736 денари, односно 3,1 процент повеќе во споредба со јануари годинава. Ова беше истакнато на седницата на Економско-социјалниот совет, на која социјалните партнери дискутираа и за неработните денови, работата во недела, можноста за воведување четиридневна работна недела и регулирањето на пензискиот стаж.

To top