Бизнис

(Фото): Од Србија до Грција преку Македонија по смарт автопат – креативен туризам на Балканот

Ќе се изврши и целосна рехабилитација на автопатот од границата со Србија до границата со Грција, со што ќе се овозможи пристоен и брз транспорт токму во насока на зголемување на транзитот на странските туристи низ државата. Во насока, пак, на нивното подолго задржување во земјата, од Владата кажаа дека се собираат информации за сите локации покрај патот кои би биле атрактивни за туристите.

Креативен туризам на Балканот. Македонија е прва во регионот што ќе им смарт автопат од граница со Србија, до граница со Грција. Во постапка, заедно со Светската банка, е изборот на компанијата што ќе воведе интелигентни транспортни системи (ИТС) кои се иновација на 21. век во делот на автопатиштата. Тие стануваат смарт автопати, а тоа е многу повеќе од само безбедно возење. Во моментот, ниту Србија го нема овој систем по Коридорот 10 од нивната страна, но се надевам дека ќе нè следат, посочи вчера вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски. Тој појасни дека во реално време ќе може да се следат временските услови на патот, густината на сообраќајот, а ќе може да се предвидува со која брзина се вози.

  • Доколку е затворен патот, ќе има информација кој е протоколот за возење, ќе има бесплатен интернет, како и електрични полначи по целиот Коридор 10 за да имаме далеку поеколошки транспорт од оној сега. Овој, како што го нарекувам „хајтек“ автопат, ќе го имаме за брзо време. Светската банка учествува со 60 проценти грант од нивна страна – нагласи Николоски.

За да се овозможи ова, ќе се изврши и целосна рехабилитација на овој автопат од границата со Србија до границата со Грција, со што ќе се овозможи пристоен и брз транспорт токму во насока на зголемување на транзитот на странските туристи низ државата. Во насока, пак, на нивното подолго задржување во земјата, министерот за култура, Зоран Љутков, посочи дека се собираат информации за сите локации покрај патот кои би биле атрактивни за туристите.

  • Ние како Министерство за култура и туризам ќе поставиме дигитални табли кои ќе ги означуваат влезовите и излезите од градовите, содржините што ги има на автопатот, а самите општини покрај автопатот и локалните бизниси, винарии и национални установи од културата, ќе имаат поголема мотивација да вложуваат во своите бизниси бидејќи веќе имаат спроведена и добро организирана инфраструктура. Како Министерство за култура и туризам работиме и на една пообемна апликација која ќе ја промовираме на почетокот на годината, а која ќе ги обедини сите локални економии, културни настани и целиот коридор, а ќе биде промовиран пред влезот во Македонија на границата со Србија. Со „кју-ар“ код ќе може да ја отвориме апликацијата на телефонот и да ги видиме сите можности кои ги нуди автопатот Е-75 за туристите – додаде Љутков.

Николовски посочи дека по автопатот Е-75 по Коридорот 10, минатата година поминале преку 10 милиони луѓе што далеку го надминува бројот на жители во државата.

  • Во првите десет месеци од годинава имаме рекордна наплата на патарините, што јасно кажува дека транзитот се зголемува и затоа тоа е коридор кој го носи најголемиот економски и бизнис-потенцијал и, секако, туристички. Силно работиме и на развој на брза пруга. Веќе се започнати подготвителни активности што многу ќе значи за туризмот. На последната седница на Владата е усвоена и одлука за урбанистичко решение на локалитетот Стоби, кој и сега е добро позициониран. Тука е и винскиот туризам и се отвораат бројни мали семејни винарии во Тиквешијата, кои сè почесто се посетуваат. Она што треба да го направиме, е овие луѓе што транзитираат да ги задржиме во државата подолго од едно ноќевање. На државата ѝ недостасуваат повеќе хотели, а урбанистичките планови се носат предолго, особено во заштитените подрачја. Невозможно е да зборуваме за туризам, а да немаме ниту еден хотел со пет ѕвездички, затоа целта ни е да ја олесниме процедурата за изградба на нови хотели, со цел повеќе инвеститори да инвестираат и тоа по должината на Коридорот, кажа Николоски.

Во однос на олеснување на протокот на возилата на овој коридор, тој додаде и дека една цела дистрибутивна мрежа, вклучувајќи ги и телекомите, ќе се приклучат во делот на М-таг, со што ќе се зголеми бројот на места на патарините, каде што ќе може да се поминува без застанување, а со што ќе се намали и долгото чекање.

Целта е да се разменат идеи, да се поттикнат партнерства и да се најде заеднички начини за Е-75 да отвори конкретни можности за локалниот развој, за нови бизниси, за културна и гастрономска размена; за да можат секоја општина, секој град и секоја локална заедница по должината на овој автопат да ја препознаат својата уникатност и да ја претворат во туристичка вредност за поврзување на локалните производители, угостители, занаетчии и институции во заедничка понуда што ќе ја прикаже нашата земја на еден нов, автентичен начин.

Најнови вести од: Бизнис

„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија

Кредитниот рејтинг на Македонија „Стандард и Пурс“ го оценува двапати годишно. Рејтингот претставува важен индикатор за инвеститорите и меѓународните финансиски пазари при оценката на кредитниот ризик на една земја.

Како да се ограничи употребата на млеко во прав и палмино масло во млечните производи?!

Стопанската комора со години укажува на проблемите во млекопроизводството, потребата од контрола на квалитетот на домашните и увозните млечни производи и потребата од усогласување на правилата со европските стандарди.

Се намалува делот од платата за плаќање рати – Народна банка со построги правила за кредитите

Од 1 декември се намалува максималниот рок за отплата на станбените кредити од 30 на 25 години, а на хипотекарните потрошувачки кредити од 20 на 15 години, соопшти Народна банка откако ги усвои измените на правилата за кредитирање.

Славески: Структурните реформи можат значително да ја забрзаат конвергенцијата кон ЕУ

Славески нагласи дека воспоставената и долго одржувана макроекономска стабилност создаде цврста основа за развој на нашата економија, додека зголемената трговска отвореност и интеграцијата во европските и глобалните синџири на вредност значително го променија економскиот и извозниот профил на земјата.

Пад на невработеноста – 88.000 луѓе се пријавени во Агенцијата, најголем дел со или без образование

Најголем група на невработени се лицата без образование, или само со основно образование. Тие достигнуваат дури до 50.426 од вкупниот број на пријавени граѓани кои се невработени.

(Фото): НЛБ Банка создава нови урбани простори за младите – нова зона во Дебар Маало

Младите не се само дел од маалото, тие се неговиот најсилен пулс. Денеска НЛБ Банка во паркчето кај „Кино Карпош“ ја отвори првата од четирите NLB Next зони – простор што им припаѓа на младите, за нивните средби, идеи, дружења и иницијативи што го менуваат маалото на подобро. Токму на стартот на академската година, Дебар Маало доби ново место за поврзување, но и силна порака за заедничка одговорност „Чувај го твоето маало“. Отворањето го одбележаа музика, дружење и голем број млади од скопските факултети и средни училишта.

Поради намалените акцизи и ДДВ за горивата, во Буџетот фалат од 6 до 7 милијарди денари

Евентуалните ограничувања на извозот на дизел од САД би можеле дополнително да го затегнат европскиот пазар и да ги зголемат цените. Тоа би бил нов удар и за земјите кои, како Македонија, зависат од увоз на енергенти.

To top