Цените на нафтата се зголемија денеска, откако Иран ги обвини Соединетите Американски Држави дека ги прекршуваат елементите од неодамнешниот двонеделен договор за прекин на огнот. Ова предизвика нова загриженост дека тензиите повторно можат да ескалираат и да го нарушат глобалното снабдување со енергија.
Фјучерсите за референтната нафта „Брент“ со испорака во јуни поскапеа за 2,08 отсто и достигнаа 96,83 долари за барел. Во исто време, фјучерсите за американската сурова нафта „Вест Тексас Интермедиет“ (WTI) со испорака во мај пораснаа за 2,86 отсто, на 97,27 долари за барел.
Овие движења доаѓаат само еден ден откако американската нафта забележа најголем еднодневен пад на цената од 2020 година. Тоа се случи веднаш по постигнувањето на условниот двонеделен договор за прекин на огнот меѓу САД и Иран, кој предвидуваше повторно отворање на клучниот поморски пат низ Ормускиот теснец.
Да потсетиме, во средата на 8 април, глобалните цени на нафтата нагло паднаа, додека акциите на берзите пораснаа. „Брент“ тогаш забележа пад од околу 13 отсто и се спушти на 94,80 долари за барел, додека американската нафта падна за повеќе од 15 отсто, на 95,75 долари.
Новите обвинувања од Иран повторно ја зголемија неизвесноста на пазарот, покажувајќи колку е кревка моменталната ситуација околу Ормускиот теснец – стратешкиот теснец низ кој поминува голем дел од светското снабдување со нафта.