Бизнис

Над 4.500 луѓе аплицирале за грантови за самовработување од 7.000 до 10.000 евра

Од Владата ги охрабруваат невработените лица кои се активни баратели на работа, посебно младите до 29 години да аплицираат за оваа мерка.

Во Агенцијата за вработување – Штип до денеска за мерката самовработување аплицирале 60 лица, а на нивно на држава е над 4.500 апликации, истакна денеска заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, кој заедно со градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, директорката на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, Даниела Димовска, и заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова ја посетија агенцијата и на лице место се информираа како тече овој процес. Ристески ги охрабрува невработените лица кои се активни баратели на работа, посебно младите до 29 години да аплицираат за оваа мерка.

  • Конкурсот трае до утре и уште можат да ги поднесат своите бизнис-идеи. Шансата за да добијат грант за отворање на бизнис е многу голема. Досега имаме информација дека има преку 60 апликации, меѓутоа очекуваме таа бројка овие два дена да стане и многу поголема. ​Да ги напоменам бенефитите од оваа мерка: ​Лицата до 29 години добиваат грант од 10.000 евра. ​Над 29 години добиваат 7.000 евра. ​Ако се здружат во друштво со ограничена одговорност (ДОО), добиваат 20.000 евра (млади лица до 29 години) или повозрасните над 29 години, ако се здружат, добиваат до 14.000 евра. ​Новитет во оваа мерка е тоа што можат и повратници да аплицираат. Повратници, на пример до 29 години, ќе добијат плус 10 отсто бонус од мерката. Или, ако таа е 10.000 евра, тие би добиле 11.000 евра, и сите суми така се одредени – да има бонус од 10 проценти за секој којшто ќе аплицира на било која од овие три мерки во самовработување- појасни Ристески.

Посочи дека Оперативниот план е историски најголем и изнесува 40 милиони евра, а за оваа мерка, која е најатрактивна, се предвидени 22,3 милиони евра. Ристески додаде дека целта на Владата и на Министерството за економија и труд е да им помогнат на младите да отворат свој бизнис, како и на сите категории невработени лица, вклучувајќи ги и оние категории кои што подолго време бараат работа во Агенцијата за вработување – Ромите, жените, ранливите категории итн. ​

  • Одлична можност, имаме многу мерки во Оперативниот план, а и понатаму ќе бидат објавувани мерка по мерка, така што очекуваме оваа година да ја надминеме и онаа бројка, односно процент на искористеност од претходната година на Оперативниот план, кој беше доста висок – 93 проценти. Оваа година очекуваме тој процент да оди над 95 проценти. ​Интересот е многу голем во Македонија, имаме преку 4 и пол илјади апликации, а очекуваме бројката на апликации да стигне над 5.000 до крајот на утрешниот ден. ​И едно да кажам што е многу битно: значи, не е целта да ги дадеме парите, тие да отворат бизнис и да ги оставиме така. Едноставно, ние ќе ги мониторираме во целиот тој процес за да застанат здраво, на здрави нозе нивните бизниси, бидејќи сакаме да продуцираме одржливи бизниси, а не бизниси кои денеска ќе отворат, а утре ќе затворат- подвеле Ристески.

Тој истакна дека оваа мерка навистина помага за отворање на одржливи бизниси, ато аго покажува и фактот што процентот на опстојување на бизнисите отворени со мерката самовработување е од 70 до 80 проценти секоја година и како што рече „тоа ни овозможува, прво, да ја намалиме невработеноста во Македонија, да помогнеме на локалната економија и на општините преку отворање на вакви микро и мали бизниси, и исто така да овозможиме младите и работно способни луѓе да останат во државата, а не да ја напуштаат Македонија“.

Заменик директорката на Агенцијата за вработување, Пешова истакна дека наредната мерка која што ќе ја објават е директно вработување од Оперативниот план за што обезбедуваат две мерки.

  • Тоа е мерката самовработување и помош на правни субјекти за вработување на невработени лица и млади до 29 години со одредени субвенционирања. Таа ќе биде наредната мерка која што ќе ја објавиме. ​Како податок, еве за ланската година да знаете за што станува збор, од тие две мерки директно во Македонија се вработиле 4.500 луѓе, од коишто преку 60 проценти се млади до 29 години. Значи, тоа е навистина голем процент, со цел да се намали и да се постигне помал процент на невработеност во Македонија-рече Пешова.

Директорката на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, Даниела Димовска рече дека на апликантите им беше подготвен прирачник, кој што ќе им помогне при првичната апликација во Агенцијата за вработување.

  • А потоа, кога ќе го добиеме списокот на апликанти од страна на Агенцијата за вработување, секој апликант ќе биде исконтактиран од наша страна, каде што ќе добие username (корисничко име) и password (лозинка), преку кои ќе може сам да си одбере советник со којшто ќе сака понатаму да го изработува бизнис планот, од каталогот на советници со којшто располага Агенцијата, а кој број е преку 300, од кои 180 се директно овластени за изработка на бизнис планови. ​Апликантот, заедно со советникот, го изработуваат бизнис планот. Секако, си го одбира согласно тоа што е неговата бизнис идеја, ја гледа биографијата и експертизата на советникот и заедно го креираат бизнис планот- изјави Димовска.

Таа информираше дека ​во меѓувреме, од нивна страна се формира експертска Комисија која што е претежно составена од банкари кои што работат на кредитирање на бизниси и имаат огромно искуство во оваа област, кои подоцна ќе ги евалуираат, ќе ги оценуваат, и најдобрите бизнис планови, односно апликантите со најдобрите бизнис планови, повторно се доставуваат до Агенцијата за вработување, каде што ќе одат на последната комисија составена од членови на сите релевантни институции, и се носи конечната одлука за тоа кој ќе добие грант.

  • ​Паралелно со тоа, од страна на Агенцијата, секој апликант којшто сака да си основа сопствен бизнис, задолжително ќе мора да посети четиридневна обука на којашто дополнително ќе им се зголеми претприемачкиот дух на апликантите и, секако, ќе се запознаат со почетоците за основање на сопствен бизнис. ​И за да не застанеме откако ќе го основаат сопствениот бизнис, во рамките на Оперативниот план им нудиме можност за менторска поддршка во времетраење од шест месеци, којашто ја работиме по јапонски стандарди, бидејќи имаме проект од ЏАЈКА (JICA) – Јапонската агенција за меѓународна соработка, која подоцна на апликантите ќе им овозможи раст и развој на нивниот бизнис, – рече Димовска. 

Најнови вести од: Бизнис

Дебата: Како Македонија ја издржува кризата и обезбеди раст на економијата?!

Глобалната економија и понатаму е под голем притисок. Геополитичките тензии, високите цени на енергијата, проблемите во глобалната трговија и поскапото финансирање оставаат последици и врз земјите од Западен Балкан, а со тоа го стеснуваат и просторот на владите за реакција кога ќе дојде нова криза, рече министерката за финансии, и порача дека државата мора навреме да си создаде простор за маневрирање, наместо да го бара дури кога ќе избувне кризата.

Ако не потпишат нов договор, корисниците мора да се иселат – Нов рок за откуп на државните станови

Право да поднесат барање за докуп на станот, промена на сопственоста, како и за закуп имаат граѓаните кои живеат во објекти доделени од државата по разни основи, како што се експропријација на имот, уривање на станбени згради или поради тоа што нивните претходни домови биле руинирани и склони кон паѓање. Тие треба да имаат договор за времено користење на станот потпишан пред 16 мај 1998 година.

Успешниот домашен модел ја зацврстува регионалната експертиза: ЕОС Матрих се проширува во Косово

По успешното позиционирање на секундарниот финансиски пазар во Македонија и долгогодишното искуство во управувањето со побарувања и откупот на портфолија, ЕОС Матрих го прави следниот чекор во регионалната експанзија со обновување на активностите на пазарот во Косово. Проширувањето на активностите следува по усвојувањето на новиот Закон за банки на Косово, со кој се креираа услови за примена на современи методи и експертиза за управување со побарувања и откуп на портфолија од нефункционални кредити.

До 80 години отплата и животно осигурување на трошок на банката – нов кредитен пакет за пензионери од АЛТА банка

Со можност за отплата до 80 години старост и ризико животно осигурување целосно на трошок на банката, АЛТА банка отвора повеќе простор за личните планови, избори и финансиска сигурност на пензионерите преку новата платформа „ЗА ВАС.“

Божиновска за грчки “Енерџи Гејм”: Македонија станува клучна гасна раскрсница на Балканот

Енергетски центар за снабдување на Југоисточна Европа е новата улога што министерката Сања Божиновска ја најавува за Македонија по приклучувањето кон Вертикалниот коридор. Договорот беше потпишан на 4 септември во Солун, но патот од политички меморандум до гасна раскрсница зависи од изградбата на две клучни врски со Грција и Србија.

ММФ отвора центар за техничка помош за земјите од Западен Балкан и Молдавија

Меѓународниот монетарен фонд ќе отвори нов центар за техничка помош во Рим, наменет за земјите од Западен Балкан и Молдавија, со цел да им помогне во спроведувањето на реформите и зајакнувањето на институционалните капацитети во процесот на пристапување кон Европската Унија. Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, оцени дека проширувањето на ЕУ повторно се наоѓа високо […]

Најнови вести

To top