Бизнис

За три години во Македонија влегле над 11 милиони килограми млеко во прав

Додека официјалните статистики покажуваат раст на увозот на млеко во прав, домашните производители на млечни производи тврдат дека на македонскиот пазар во моментов залихите на млеко се поголеми од побарувачката и дека млекото во прав речиси и не се користи во производството на млечните производи. Истовремено, бројките покажуваат дека домашното производство на кравјо млеко повторно расте, но сè уште не го достигнало нивото од пред неколку години.

По драматичниот пад на домашното производство на млеко во 2023 година, статистиката покажува постепено закрепнување на секторот. Сепак, паралелно со растот на производството расте и увозот на млеко во прав, кој во 2025 година достигна највисоко ниво во последните години, пренесе МКД.мк. Додека надлежните институции објавуваат податоци за зголемен увоз, домашните производители на млечни производи уверуваат дека млекото во прав има ограничена примена во млечната индустрија и дека многу поголема закана е нелојалната конкуренција од евтините увозни млечни производи.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека по значителниот пад на домашното производство на млеко во 2023 година, во 2025 година е забележано закрепнување на секторот, иако производството сè уште не ги достигнува претходните нивоа.

Според официјалната статистика, производството на кравјо млеко во 2025 година изнесувало 289,9 милиони литри, што е за 2,7 проценти повеќе во споредба со 2024 година. Истовремено, производството на овчо млеко се зголемило за четири проценти и достигнало 26,7 милиони литри, додека кај козјото млеко е регистрирано намалување од 1,4 проценти, на вкупно 14 милиони литри.

  • „Во 2023 година производството на кравјо млеко се намалило за дури 26,5 проценти во однос на 2022 година и изнесувало 238,3 милиони литри. Истовремено, производството на овчо млеко било помало за 20,5 проценти и достигнало 30,8 милиони литри, додека единствено козјото млеко бележело раст од 3,3 проценти, со производство од 14,2 милиони литри“, се наведува во извештаите на ДЗС.

Токму овие податоци се поврзуваат со зголемениот увоз на млеко и млеко во прав за потребите на прехранбената индустрија.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство за МКД.мк велат дека увозот на млеко во прав во Македонија бележи континуиран раст во последните неколку години. Според официјалната податоци, од 2022 до 2025 година количините се зголемиле за повеќе од половина милион килограми, а само во првите пет месеци од годинава во земјата веќе се увезени речиси еден милион килограми.

Во 2022 година во Македонија влегле 173 пратки со вкупно 2.572.810 килограми млеко во прав. Во 2023 година, биле евидентирани 193 пратки со 2.742.283 килограми, додека во 2024 година биле увезени 2.776.239 килограми во 190 пратки.

Најголем увоз е регистриран во 2025 година, кога преку 216 пратки во Македонија биле внесени 3.151.562 килограми млеко во прав, што претставува зголемување од околу 22,5 проценти во споредба со 2022 година.

Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, заклучно со 31 мај годинава во земјата се реализирани уште 85 пратки со вкупно 974.123 килограми млеко во прав.

  • „Најголеми увозници на млеко во прав се компаниите Апро 2000, П.И.К. КО ДООЕЛ, НАНА – ВИКИ ДООЕЛ, ФИЛИАСС Лоран ДООЕЛ и Витаминка АД Прилеп, како и други домашни компании кои ја користат оваа суровина во своето производство“, велат од АХВ.

Млекото во прав што се увезува во Македонија се користи многу малку во млечниот сектор и тоа онаму каде што е дозволено како што е млекото во тетрапак, киселото млеко…, велат од компанијата Осогово милк. Од компанијата додаваат дека поголем проблем претставува увозот на готови млечни производи од земјите на Европската Унија, како што се Германија, Полска, Австрија кои се значително поевтини од домашните.

  • „Затоа сметаме дека она што треба да се направи е да се разграничи кој произведува производи со растителни масла, а кој не. Тоа е она што треба да се контролира“, велат од Осогово милк.

Млекото во прав претставува суровина со широка примена во прехранбената индустрија и се користи во производството на млечни производи, кондиторски производи, сладолед, пекарски производи, инстант напитоци, детска храна и други прехранбени производи.

Најнови вести од: Бизнис

(Фото): HELLENiQ ENERGY ја пушти во употреба првата батериска постројка за складирање струја во Солун

Еден од најголемите системи за складирање електрична енергија во батерии во Грција и Југоисточна Европа е пуштен во употреба од страна на HELLENiQ ENERGY во индустрискиот комплекс на Групацијата во Солун. Со инсталирана моќност од 100 MW и капацитет за складирање од 200 MWh, проектот, вреден околу 50 милиони евра, претставува значаен чекор во развојот на капацитетите за складирање енергија во регионот.

Многу македонски компании ќе учествуваат на најголемата саемска манифестација во светот – Експо 2027

EXPO 2027 одржи од 15 мај до 15 август, темата на големата светска изложба е „Игра за човештвото: Спорт и музика за сите“ и ќе обедини учесници од повеќе од 140 земји од светот

Гувернерот Славески со македонскиот тим од Меѓународната економска олимпијада

Народната банка, како дел соработката со Сојузот на математичари, четврта година по ред учествува во подготовките на македонските средношколци за учество на Меѓународната економска олимпијада, преку стручни и едукативни активности од областа на економијата, финансиите и банкарството.

„Алкалоид“ со 23. учество на водечкиот глобален фармацевтски настан CPHI

Продолжува традиционалното присуство на „Алкалоид“ на една од водечките глобални платформи во фармацевтската индустрија, со фокус на продлабочување на меѓународните партнерства, следење на најновите индустриски трендови и отворање нови можности за развој.

To top