Хроника

Возач на „сеат“ му го пресекол патот на загинатиот мотоциклист во Радишани и избегал

Освен за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, осомничениот се товари и за неукажување помош на повредено лице

Нови детали околу загинувањето на мотоциклист во скопско Радишани во тешка сообраќајна несреќа завчера предизвикана од возач на автомобил што потоа избегал од местото на настанот.

„Основното јавно обвинителство Скопје во скратена постапка гони 46-годишник осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 7 август околу пладне управувал автомобил ‘сеат алтеа’ по улицата ‘Радишанска’. На крстосницата со улица ’18’, на која сообраќајот не е регулиран со знаци, свртел во лево без да ги пропушти возилата кои доаѓале од спротивна насока. На тој начин го пресекол патот на мотоцикл ‘кавасаки’ кој од спротивната страна на крстосницата го задржувал правецот на движење.

За да избегне директен судар со автомобилот, мотоциклистот отишол во лево, преминувајќи на коловозната лента наменета за движење возила во спротивна насока.

Но, таму со предниот дел од моторот удрил директно во автомобил ‘алфа ромео’, кој доаѓал од спротивната страна. Од силата на ударот мотоциклистот Никола Макрачевски излетал, паднал на коловозот и се здобил со тешки телесни повреди од кои починал, а полесно бил повреден и возачот на автомобилот ‘алфа ромео’.

Осомничениот, наместо да укаже помош на повредените, по несреќата го напуштил местото.

Со цел обезбедување на лицето во текот на постапката, јавниот обвинител предложи да му бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавува во Судот, привремено одземање на патната исправа и одземање на возачката дозвола“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.

Најнови вести од: Хроника

To top