Скопската полиција го расчисти убиството кај Смилковци. Уапсен е 38-годишниот Б.Ј. од Скопје, против кого е поднесена кривична пријава по брза постапка.
Осомничениот е уапсен на 26 ноември по оперативно-тактички мерки на Единицата за насилен криминал, Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје. Според полицијата, при службениот разговор Б.Ј. објаснил како го извршил делото.
„Лицето е лишено од слобода, во врска со кривично правниот настан од 21.11.2026, кога по претходна пријава во СВР Скопје, на обиколница „Мајка Тереза“ во близина на селото Смилковци, Скопско, пронајдено беше лице без знаци на живот, а полициски службеници од СВР Скопје утврдија дека лицето е Ш.Е.(38) од селото Љубин, Скопско, при што беше забележана прострелна повреда во пределот на ногата“ соопшти МВР.
Покрај телото е пронајден и „мерцедес“ со скопски регистарски таблички, кој претходно го возел убиениот.
Денеска, по целосното документирање на случајот и во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против Б.Ј. за кривичното дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.