Македонија Колумни

„Граматиката“ на Блаже Конески од 1952 – силен научен противудар кон бугарско-грчките негирања на македонскиот јазик!

„Корените на нашиот денешен литературен јазик се впиваат во наследството на писменоста, што од векови наваму носи во Македонија самобитно јазично обележје.“ – има напишано, покрај другото, еден од архитектите на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик Блаже Конески во уводот на својата „Граматика на македонскиот литературен јазик“, објавена на денешен ден, на 13 октомври 1952 година. Издавањето на ова дело е еден од најзначајните датуми не само во јазичната, туку и националната историја на македонскиот народ. Најголемиот пораз за негаторите на мајчиниот јазик на Македонците е фактот што „Граматиката“ веднаш добива меѓународен легитимитет од најугледните светски лингвистички умови и од светските славистички центри: таа е веднаш прифатена од водечките слависти во Франција (Андре Вајан), Русија, Германија и САД. Речиси истовремено со Конески американскиот професор од Универзитетот Харвард Хорас Лант ја објавува својата прва македонска граматика на англиски јазик .Светската наука уште во 50-тите години од минатиот век ја затвори расправата, која денес сѐ посилно, но и сѐ почајно особено Грција и Бугарија се обидуваат повторно да ја отворат со политички фалсификати.

Пишува: Свето Тоевски

Од Партениј Зографски и Ѓорѓија Пулевски до Блаже Конески: граматиката како темел на македонскиот јазик и културниот идентитет

На денешен ден пред 74 години е испечатена „Граматика на македонскиот литературен јазик. Дел I: Увод. За гласовите. За акцентот“. Во 1954 година е излезена од печат „Граматика на македонскиот литературен јазик. Дел II: За формите и нивната употреба“. Од вкупно 7.170 постојни живи јазици во светот, колку што истакнува „Етнолог“ (светска научна платформа за бележење и документирање на јазиците) дека ги има денес, лингвистот Харалд Хамарстром истражувал 6409 јазици во својата студија „Јазичната и јазичната еволуција“ од 2017 година и констатирал дека речиси половината од нив „недостасува каков било вид граматички опис“. Појасно кажано, речиси 3200 од сите светски јазици немаат никаква своја напишана граматика, но тоа воопшто не значи дека тие јазици немаат свои автентички граматички и други структури и внатрешни законитости. Но значи дека речиси 3200 народи, или етнички групи во светот, немале свои луѓе да се обидат, или и конечно да им напишат научна граматика, како што ги имал македонскиот народ своите Партенија Зографски, Венијамин Мачуковски, Димитар Миладинов, Ѓорѓија Пулевски, Крсте Мисирков и „лозарите“, сѐ до Круме Кепески и Блаже Конески.

Во уводот на својата „Граматика“ од 13 октомври 1952 година Конески исцрпно се осврна на јазикот на словенската писменост и на развојот на современиот македонски литературен јазик, со посебна нагласка на исклучителниот придонес Крсте Мисирков кон решавањето на прашањето на македонскиот јазик и неговата конечна кодификација. „Словенската писменост во Македонија се затврдува при крајот на 9 и во почетокот на 10 век, кога учениците на Кирила и Методија – Климент и Наум создаваат во Охрид едно од најстарите и најпознати културни словенски жаришта. Книжевната дејност што се развива тогаш е главно преводачка и препишувачка… Јазикот на таа книжнина, денеска наречуван старословенски јазик, беше изграден врз основа на солунскиот македонски дијалект.Самобитната традиција од старословенската епоха продолжува и се продлабочува… Во времето од 16 до почетокот на 19 век постепено се затврдува современиот македонски народен јазик во писменоста. Во 60-тите години од 19 век се изнесе идејата, прво од П. Зографски, за издавање граматика на македонското ‘наречје’. Најблиску до остварувањето на оваа замисла стоеше кукушкиот учител Венијамин Мачуковски, кој во 1872 година објави оглас за собирање претплата за издавање на својата граматика, што ја употребувал веќе во својата учителска практика. Обид за македонска граматика направи и Пулевски: во 1880 година излезе во Софија неговата ‘Слогница речовска’.“ – посочува Конески во уводот на „Граматиката на македонскиот јазик – прв дел од 1952 година.

„Оваа Граматика на Конески е највлијателен труд во македонистиката воопшто. Тој го има комплетирано и заокружено описот на македонскиот литературен јазик на сите рамништа, прикажувајќи ги неговите посебности и специфики. Огромна е нејзината важност и значење за сите изучувачи и проучувачи на македонскиот јазик, на неговата структура и на јазичната норма. Граматикатa на македонскиот литературен јазик од Блаже Конески е капитално дело со трајна вредност и останува да биде основно помагало за какво и да е понатамошно опишување на македонскиот јазик.“ – истакнуваат Елена Петроска и Станислава-Сташа Тофоска во својот предговор на „Критичко издание на Граматиката на македонскиот литературен јазик на Блаже Конески“. Ова дело е 11-ти том во едицијата „Целокупни дела на Блаже Конески“, објавено во 2021 година од Македонската академија на науки и уметности.

Во 1952 година македонскиот јазик веќе има официјално утврдена азбука, правопис и институционална употреба, а со граматиката на Конески добива систематска научна обработка на својата структура, историја и јазични особености. Токму во тоа се состои значењето на ова капитално дело на генијот од Небрегово: граматиката не е само книга со правила за правилно зборување и пишување. Таа е научен опис на јазичниот систем на еден народ, инструмент за образование и книжевно творештво, како и основа за понатамошниот развој на лингвистиката.

Кога еден јазик добива научно разработена граматика, неговите гласови, акцент, зборообразување и граматички конструкции престануваат да бидат само предмет на усно искуство и поединечни набљудувања. Тие стануваат предмет на систематско истражување, споредување, опишување и научна расправа. Затоа делото на Конески треба да се разбере и во своето време и во перспективата на денешните предизвици: како крупен чекор во изградбата на современата македонска филологија и како темел, врз кој може да се надградува нова научна граматика.

Блаже Конески — архитект на македонскиот литературен јазик, но не и негов единствен творец

Називот „архитект на македонскиот идентитет“, кога се применува на Блаже Конески, има историска и културна оправданост, ако се разбере точно: Конески е еден од клучните архитекти на современиот македонски литературен јазик, на неговата научна обработка и на неговото институционално утврдување. Но македонскиот јазик, народот и културниот идентитет не започнуваат со него. Тие имаат многу подлабока историја, во која учествувале поколенија, што го зборувале македонскиот јазик, кои создавале народна книжевност, собирале песни, пишувале на локални говори, кои изработувале речници и се обидувале да воспостават правила за писмена употреба.

Историската заслуга на Конески не е во тоа што создал народ или јазик од ништо, туку во тоа што учествувал во научното и институционалното обликување на еден литературен стандард во време кога македонскиот јазик добивал официјален статус и современи национални институции. Ова разграничување е важно. Народниот јазик постои пред граматиката што го опишува. Научната граматика не го создава говорниот јазик, туку ги истражува, систематизира и објаснува неговите закономерности.

По Втората светска војна, со решението за македонската азбука од 5 мај 1945 година и со усвојувањето на правописот во 1945 година, започнал институционалниот процес на стандардизација на современиот македонски јазик. Конески имал значајна улога во тој процес. Во 1946 година била објавена и „Македонската граматика“ од Круме Кепески, која претставувала важен учебник во раниот период на македонското јазично образование.

Така, граматиката на Конески од 1952 година не се појавила во историски вакуум. Таа била дел од еден долготраен и поширок процес на создавање современа јазична инфраструктура: азбука, правопис, граматики, речници, учебници, научни списанија и институции за истражување на јазикот. Нејзината посебна тежина произлегува од тоа што зад стандардизацијата следувала потребата македонскиот јазик да се опише во научна длабочина.

Од Партениј Зографски до Ѓорѓија Пулевски: граматиката како вековен стремеж

За да се разбере историската важност на Конески, неопходно е да се вратиме во XIX век. Тогаш прашањето за јазикот било поврзано со образованието, црковната употреба, печатот и борбата за право на пишување на јазик разбирлив за населението.

Обидите за граматика не биле изолирани книжевни експерименти. Тие биле дел од пошироките преродбенски напори да се проучат народните говори и да се најде соодветна основа за писмена употреба.

 Ѓорѓија Пулевски — граматика со македонско именување

Во 1880 година во Софија била објавена „Слогница речовска“ на Ѓорѓија Пулевски, со полниот наслов „Славјанско-насељениски-македонска слогница речовска за исправуванье православски-язическо писание“. Делото е познато како прва печатена граматика на македонскиот јазик во македонската граматичка традиција.

Според денешните лингвистички критериуми, тоа не е целосна граматика во современа смисла. Најголем дел од содржината се однесува на буквите, пишувањето и основните јазични правила, а авторот користи сопствена графиска и терминолошка концепција.

Но Пулевски имал историска смелост да го именува и да го опише како „славјано-македонски“ јазикот, за кој се обидувал да состави и да предложи правила за негова употреба и негово пишување. и да подготви материјал

Пулевски не ја создал современата македонска граматичка норма. Но оставил писмен документ за стремежот македонскиот говор да се претвори во систематски опишан и пишуван јазик. Македонската наука ги бележи и обидите на Партениј Зографски, Димитар Миладинов, Ефтим Каранов и Васил Мачуковски за составување посебна граматика, или за проучување на македонските говори. Во 1872 година Мачуковски објавил повик за помош при печатење граматика, на кој во бугарскиот печат следувал одговор што ја негирал потребата од посебна македонска граматика. Овој историски пример покажува дека граматиката не била само филолошко прашање. Таа била и прашање на национален идентитет, образовна политика и културно признавање.

Посебно место им припаѓа на Крсте Мисирков и неговата монументална студија на македонската национална и јазична самобитност „За македонцките работи“, која претставува програмски предлог за македонскиот литературен јазик и неговата основа.

Конески припаѓа на генерацијата што ја презела задачата за научно разработување на веќе кодифицираниот стандард. Неговата граматика ги поврзува описот на современиот јазик со историските сведоштва и дијалектната основа.

Најнови вести од: Македонија Колумни

Македонија меѓу побезбедните држави во светот според „Мапата на опасности за 2027“ на „Глобал гардијан“ од САД

Македонија и останатите земји од Западен Балкан се наоѓаат во категориите со ниска до умерена безбедносна опасност, покажува Глобалната мапа на опасности за 2027 година, објавена од американската компанија за корпоративна безбедност „Глобал гардијан“.

Објавен Вториот повик за предлог-проекти во рамките на ИПА III Програмата за прекугранична соработка Македонија-Албанија 2021-2027

Заинтересираните организации се повикуваат навремено да започнат со подготовка на своите проектни предлози, како и со воспоставување контакти и координација со потенцијалните прекугранични партнери. Раното планирање и ефективната соработка меѓу партнерите се важни предуслови за подготовка на квалитетни и одржливи проектни предлози.

Ковачевски: СДСМ претрпе сериозен изборен пораз, имаше само 124.000 гласа – Платформата 12:05 е оправдана!

„Ова што се случува (во СДСМ) не е нешто непознато во политиката, после пораз на избори СДСМ на локалните избори претрпе сериозен пораз, имаше само 124 илјади гласа’’ посочи поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски на гостување во МРТ.

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски поднесе оставка, поради „лични причини“

Јовица Андовски повеќе нема да ја извршува функцијата заменик-министер за здравство, откако поднесе оставка од лични причини. Во писмото со кое се повлекува од функцијата, тој му се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски за довербата, поддршката и досегашната соработка.

Најнови вести

To top