Колумни

Лазо Ангеловски, ѕверски усмртен од грчката војска на 19.8.1948: Народ не се уништува со еден одземен живот, туку закрепнува со духот на маченикот!

„Не, јас не сум Евангелидис Лазарос, туку Ангеловски Лазо. Ние не сме Грци, туку Македонци. Јас верувам во мојот народ… Me убедувате дека не постои таков народ, но, ете, погледнете од Лерин кон север… Тие таму живеат и се радуваат на својата извојувана слобода!“ – со овие зборови му одговорил Лазо Ангеловски, револуционерот и деец за слободата на Македонците во Егејска Македонија, на началникот на затворот во Лерин во август 1948 година. Иследникот барал од претепаниот Лазо, уште незалекуван од добиените рани, да се откаже од своите револуционерни и македонски идеали. Му нудел дека ќе се спаси така. Лазо остро му се спротивставил: „Народ не умира, ниту се уништува со еден одземен живот, туку тој народ од духот на маченикот сѐ повеќе закрепнува!“ Лазо Ангеловски станува легенда на маченик мeѓy месното население во егејскиот дел на Македонија и идеал за храброст на идните македонски поколенија, запишал историчарот Христо Ивановски во својот научен труд за Ангеловски. Денес навршуваат 78 години од херојската смрт на овој велик Македонец, ѕверски усмртен од грчките монархофашисти на 19 август 1948 година.

Пишува: Свето Тоевски

Јас не се покорив, ја избрав смртта!

Затворскиот иследник се одлучил и на друг начин да го придобие Ангеловски. Од него побарал да подготви два реферата, со чија содржина би истапил против партизаните на Демократската армија на Грција и против раководството на Комунистичката партија на Грција. Потоа ќе требало да одржи говор пред политичките затвореници и пред граѓаните на Лерин. Во замена на тоа, Лазо би добил слобода. Во последната ноќ од својот живот во леринскиот затвор Лазо Ангеловски напишал претсмртно писмо на македонскиот непокор наместо предавнички реферат. Го упатил до чичко му Атанас Ангеловски во Демир Хисар, Македонија, за да го извести за својата намера дека свесно ја избира смртта, а не да ги предаде соборците и македонското револуционерно дело, во кое верувал со сета душа. Ова писмо е потресно и автентично сведоштво за ужасниот терор и крвавиот геноцид, што ги спроведувале грчките монархофашистички војници врз македонскиот народ во Егејска Македонија. Тоа претсмртно писмо е и вистински документ за македонскиот непокор. Затоа треба да зачувано во колективното паметење на сиот македонски народ и за следните македонски поколенија.

Лазо Ангеловски (лево) со неговиот чичко Атанас, Битола 1945

Во него Македонецот, кој широко ја прегрна смртта, без никаков страв од неа, запиша: „Фатен сум од страна на грчките монархофашисти. Во затвор сум, во темница, во Лерин. Нема ништо до мене, сал тиранин стражар на врата стои и ме чува, со мене не зборува. Распарчен сум во устата со куршум. Левата рака ме боли, сум тепан со кондак… Мачен сум по казна, тепан… ме тераат да зборувам за движењето, против ДАГ, па потоа да бидам ослободен. Jac избрав смрт, не, нема да зборувам по никоја цена… Секој ден пред мене водат наши другари на стрелање. Тие збогум од сите нас земаат. Едни ги бесат, други ги стрелаат… Вратата се отвора, до мене таков глас се слуша: пискања и врескања, па и jac на исто чекам, што друго да чекам? Сите викаат, плачат, збогум земаат од мила мајка Македонија. ’Збогум, мои другари, jac немам никој на овој свет’, се слуша. Драги чичко, ако дојде време Лерин да го ослободите, дојди и ти, донеси ги мајка ми и сестри ми, па побарај ja мојата гробница, за да сронат солзи крвави и да се накиснат моите коски и да ме разбудат. Писмото го пишувам по ноќи и денови, во секое време проверки вршат тирани грчки, корофилаци клети. Денес на говорница ќе ме изведат да говорам против организацијата и партизаните на Маркос. Да, смрт ме чека. Но секако кој овде влезе сал мртов излегува. Па затоа јас не се откажувам. Речено ми е пред другите затвореници говор утре да одржам, или смрт да изберам. Некои мене ме охрабруваат, други ме кандисуваат да зборувам, ами против кого да зборувам? Јас не се покорив, ja избрав смртта… Мене не ме страши смртта, не, ништо нема да зборувам… Смрт на ф… Лазо Ангеловски, Лерин 18.8.1948 год.“ Неговото писмо го изнел од затворот во Лерин и му го предал на чичко му еден затвореник од селото Герман. 

На 19 август, откако Лазо повторно бил душмански претепан од грчките монархофашистички војници, облеан во крв, со искината кошула и бос, го качиле на отворено возило, за да го „прошетаат“ низ улиците на Лерин. Тие го правеле тоа со цел да ги заплашат жителите на Лерин и на околните села, што го поддржувале движењето на ДАГ. По наредба на главниот началник на леринската жандармерија, му ги врзале рацете на задниот дел на возилото и со забрзано возење и влечење на неговото тело низ леринската калдрма го усмртиле. Неговите посмртни останки биле фрлени во заедничката гробница на убиените затвореници во близината на црквата „Св. Горѓи“ во Лерин. Овие детали за смртта на Лазо Ангеловски ги има изнесено учителот и историчар Христо Ивановски во својата научна статија „Некои нови сознанија за просветната и револуционерна дејност на Лазо Ангеловски“.

„Неговото храбро држење, пред cè неговата трагична смрт, претставува бесмртен идеал на храброст за идните поколенија. Тоа ги вдахновува идните македонски поколенија да ja воспеваат неговата храброст. Лазо загина на 23-годишна возраст, убеден дека неговиот македонски народ ќе ги преболи многубројните жртви и оти тие ќе послужат како факел за воскреснувањето и извојувањето на неговата праведна борба. Веруваше во својата визија: ‘Народ со еден одземен живот не умира, ниту се уништува. туку тoj народ од духот на маченикот повеќе се закрепнува!“ – запиша Ивановски во својот труд за Ангеловски.

 Деец на македонското национално движење и организатор на македонската просвета во Егејска Македонија

Лазо Ангеловски е деец на македонското национално движење. Toj e eден од организаторите на македонската просвета во Егејска Македонија во периодот на Граѓанската војна во Грција (1946–1949). Роден е на 10 август 1925 година во селото Граждано, егејскиот дел на Македонија, во сиромашно печалбарско семејство. Секојдневниот терор, кој грчките власти го спроведуваа врз македонскиот народ и другите малцинства, ќе го привлечат кон младинската организација на Македонското биро ОКНЕ. Младиот Лазо се издигнал во вистински деец на македонското национално движење. 

Лазо Ангеловски отворил 87 македонски училишта, во кои учеле 10 илјади ученици во егејскиот дел на Македонија

Свесен дека одговорот кон грчкиот национализам лежи во образованието на мајчин јазик, во 1944 година Лазо заминал во Битола, каде што завршил учителски курс по македонски јазик. По завршувањето на курсот бил назначен како народен учител во селото Брајчино. Подоцна бил назначен како управник во Смилевската гимназија. Во 1946 година Лазо Ангеловски работи во Министерството за просвета во Скопје. Откако започнала Граѓанската војна во Грција (30 март 1946), се вратил во Егејска Македонија. Ѝ се посветува на просветната дејност. Како искусен педагог, кој добро ги владее македонскиот и грчкиот јазик, му било доверено на слободната територија со други соработници да организира курс на македонски јазик за народните учители. Станал еден од првите обучувачи на учителскиот курс „Гоце Делчев“, кој се одвивал во селата Герман и Желево, Преспанско. По завршувањето на курсот, на кој се обучени 120 македонски и 40 грчки учители, Лазо отворил 87 македонски училишта, во кои учеле 10 илјади ученици. 

Тргнувал од мотото „Сите македонски деца мора да имаат можност да научат да читаат и да пишуваат на својот мајчин јазик“. Одел од село во село и неуморно работел на искоренување на неписменоста. Во почетокот на 1948 година наставата била прекината, поради силните бомбардирања од грчката монархофашистичка војска. Лазо неуморно дејствувал политички и надвор од слободната територија на ДАГ. Најмногу во костурските и во леринските села. По престојот во селото Буф, бил ранет и фатен од грчките војници. Оттогаш започнале жестоките тортури и измачувања, за да ги предаде соборците. Еден ден пред да биде погубен Лазо го испратил своето претсмртно писмо до неговиот чичко Атанас. Неговото писмо го изнел и му го предал на чичко му еден затвореник од селото Герман.

Приказната за Лазо Ангеловски е вдахновувачка приказна за нескршливиот македонски дух и на сиот македонски народ во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција. Тоа е приказна како се брани сопствениот македонски национален идентитет и по цена на својата смрт. Тоа е сведоштво за неизмерното јунаштво на еден Македонец, кој не дозволил да биде скршен неговиот македонски дух, иако веќе ѝ му се заканувала смртта.

Поради неговата неуморна просветна дејност на мајчиниот македонски јазик, основното училиште во скопската општина Аеродром „Лазо Ангеловски“ го носи денес неговото име.

 

Најнови вести од: Колумни

„Непостојниот“ македонски јазик и идентитет во концепцијата на Антоан Меје за „новата Европа“ – 26 години пред АСНОМ и кодификацијата (2)

Од денешна перспектива, придонесот на Меје може да се оцени на неколку нивоа. На балканско ниво неговото дело претставува аргументиран научен отпор кон обидите македонските говори целосно да се подведат под српскиот, или бугарскиот јазичен концепт. На европско ниво неговото значење произлегува од фактот што оваа анализа ја објавува еден од најугледните европски лингвисти, во Париз, во дело посветено на јазичната карта на Европа. Македонија  и македонскиот јазик на тој начин стануваат предмет на разгледување во поширока европска научна дискусија за јазиците, нациите и државите.

Придонесот на Антоан Меје за светското признавање и афирмација на македонскиот јазик како белег на македонскиот идентитет уште пред 108 години!

„Дијалектите на Македонија се дел од јужнословенската група. Заправо тие не се ниту српски, ниту бугарски, особено ако се мисли на пишаниот бугарски јазик, кој се засновува врз дијалекти, доста оддалечени од македонските дијалекти.“ – нагласил Антоан Меје во својата знаменита научна студија „Јазиците во Нова Европа“, објавена во Париз во 1918 година. „Дијалекти на Македонија“ и „македонски дијалекти“ вели овој јазичар 26 години пред да биде македонскиот јазик „измислен од Тито и искован врз основа на бугарски корени“. Денес се навршуваат 160 години од раѓањето на овој врвен европски и светски јазичар. Ова е соодветен повод за ново навраќање кон неговиот научен придонес кон одбраната и афирмацијата на македонската јазична и идентитетска самобитност на европскиот континент и во светски рамки.

Делото на Видоески наспрема „Бугарскиот договор“: дали е време во 2026 Македонија да постапи како Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949?! (2)

Грандиозното научно дело на дијалектологот Божидар Видоески не само што ги урива сегашните бугарско-грчки фалсификати и оспорувања на македонскиот јазично-идентитетски комплекс, туку и отвора сериозен простор за дилема: дали нема, или можеби и има право Република Македонија, согласно и со меѓународното право и неговиот врховен принцип „јус когенс“ да постапи денес со „Бугарскиот договор“ еднакво како што постапи Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949 година – како Бугарија согласно со нејзините „бугарски државни и национални интереси’, така и Македонија согласно со своите државно-национални интереси?! Зашто, великанот на македонската дијалектологија аргументирано докажа дека македонскиот јазик е столб на македонскиот идентитет и сиот свој живот го бранеше тој идентитетски столб, кој е денес загрозен со бугарските евроинтеграциски уцени и ултиматуми.

Студиите на Божидар Видоески ги кршат на парчиња грчко-бугарските шовинистички негирања на македонските дијалекти во Егејска и Пиринска Македонија (1)

Со своето големо научно дело за македонската дијалектологија професорот и академик Божидар Видоески му изгради траен паметник на македонскиот народ за неговиот мајчин македонски јазик и неговите дијалекти, на македонскиот идентитет. Зашто во дијалектите на македонскиот јазик се вградени сета негова историја, сето зборовно богатство, културата, обичаите, народните традиции, песните. Вчера, на 8 ноември 2026 година, се навршија 106 години од раѓањето на Видоески, основоположникот на современата македонска дијалектологија. Тој остави зад себе остави огромно дело од повеќе од 300 библиографски единици – дијалектолошки студии, монографии, статии, документи и др., објавувани во домашни и видни странски списанија и зборници. Истражувањата и студиите на овој македонист, славист и дијалектолог жестоко ги побиваат сите антимакедонски и ненаучни фалсификати и оспорувања на македонскиот народ, јазик и идентитет, кои се вградени во „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, односно „Бугарскиот договор“, како и во „Преспанскиот договор“.

Наде Проева – жестокиот научен борец против обидите на Грците и Бугарите да им го одземат Македонското сонце-македонскиот идентитет на Македонците!

Во ерата кога историјата повторно се користи како геополитичко оружје, а македонскиот национален, јазичен и културен идентитет е подложен на координиран оспорувачки притисок од соседите, научната оставнина на проф. д-р Наде Проева (1949–2024) светли како незгаслив светилник на македонската вистина ширум Балканот и Европа. Како еден од најголемите македонски експерти за историјата на Античка Македонија со меѓународен углед, Проева во своето капитално дело „Триптих за македонскиот идентитет“ изнесува сериозна, научно втемелена и методолошки беспрекорна одбрана на македонската посебност. На 6 номври 2026 се навршуваат две години од нејзината смрт. Ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон научното творештво на оваа голема македонска научничка, која на „добрите балкански соседи“ и на политичка Европа со силата на научните аргументи им покажа и им докажа дека никој нема право да му ги оспорува на македонскиот народ неговото исконско, древно македонско национално самосознание и идентитет во име на некакви „повисоки геополитички цели“. Проева остави траен и нескршлив научен аргумент во рацете на идните поколенија за одбрана на правото на македонскиот народ да биде она што е – македонски, свој на своето, на македонското.

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

To top