Пишува: Свето Тоевски
Како што се нагласува во една статија на Институтот за македонска литература, првите збирки раскази на Дракул „Планината и далечините“ (1953) и „Витли во поројот“ (1956) се насочуваат на животот на селаните и печалбарите, низ еден современ раскажувачки израз, а едновремено и близок и инспириран од фолклорот, што некои критичари ќе го дефинираат како „облагородено народно творештво“. Својот најдобар роман со наслов „Белата Долина“ Симон Дракул го пишувал од 1951 до 1961 година,посветувајќи му го на својот татко. Првото издание на романот се појавило во 1962 година, во рамки на библиотеката „Современа македонска проза“.
„Македонија меѓу автономијата и дележот“
На 26 ноември 2007 година во Институтот за национална историја беа претставени шестиот и седмиот том од зборникот „Македонија меѓу автономијата и дележот во избор“ со капитална вредност за македонскиот народ во редакција и превод на Симон Дракул. Со овие томови се заокружи овој капитален историографски труд на Дракул со наслов „Македонија меѓу автономијата и дележот“. „Документите во овој зборник се огромна суровинска граѓа за производство на научна вистина за Македонија, или нејзина веродостојна меморија.“ – рече претставувачот академик Гане Тодоровски во таа пригода.
„Документите, кои Симон Дракул ги откри и ние денес и ги претставуваме на македонската јавност, јасно зборуваат дека името Македонец и македонска нација се одговор на сите наши поделби и страдања од овој период. Тоа е име, кое нема никаква врска ниту со Коминтерната, ниту со комунистичка Југославија. Документиве, кои ги претставуваме, се добар одговор на грчко-македонски спор.“- изјави Јован Донев, исто така, претставувач на тој зборник.
Дракул е роден е во Лазорополе на 24 септември 1930 година. Основното образование го добил во родното село. Во 1948 година доаѓа во Скопје и во Првата машка гимназија матурира. Во 1950 година учителствува во село Ростуше, а потоа се враќа во Скопје каде работи во скопските редакции на весниците Млад Борец и Нова Македонија, дописник е на белградска Политика и вонредно студира на Филолошкиот факултет група македонски јазик. Од 1958 година работел во радио-телевизискиот медиум. Доктор е по историски науки од 1984 година. Симон Дракул бил во издавачкото претпријатие Кочо Рацин, директор на Драмата на МНТ, член на ДПМ (Друштвото на писателите на Македонија) долгогодини ја извршува функцијата секретар, а од 1953 година и негов претседател во еден мандат, генерален секретар на Сојузот на писателите на поранешна СФРЈ, претседател на Струшките вечери на поезијата.Својата плодна работна кариера ја завршува во Институтот за национална историја.
За прв пат во македонската литература се појавува со расказот Туѓоземјанин, напишан на дваесетгодишна возраст, а публикуван во списанието Современост во 1950 година. Автор е на книгите Планините и далечините (раскази, 1953), Витли во поројот (раскази, 1956), И ѕвездите паѓаат сами (роман, 1957), Белата долина (роман, 1962), Буни (триптих: Меч и Исихија два романа, драма, 1980), Распаќа (раскази, 1985), Архимандрит Анатолиј Зографски (монографија, 1988), Или смрт (тетралогија: Глужд, Јас Георги Николов Делчев, Полноќна чета, Кобно место, роман 1989), Жедна месечина (роман 1997), Апостол војвода (монодрама, 1998). Ги напишал драмите: Немирна рудина, Столбови за небото, Клада, Вампир в село.
Пишува сценарија за повеќе документарни и играни филмови, меѓу кои и за „До победата и по неа“ (воен филм, 1966). За сценариото на овој филм Симон Дракул е награден со Златна арена на тогаш реноминираниот Пулски филмски фестивал. Дракул е автор и на сценариото на „Македонска сага“ (мелодрама филм, 1993). Потписник е на шесте тома документи под заеднички наслов: Руската дипломатска и општествена мисла и Македонија. Во неговата преведувачка работа преовладува интересот за руските класици. Самиот тој како особено значајни ги вбројува преводите од руски јазик на: Војна и мир од Л.Н.Толстој, Разорана целина од М.Шолохов, Бедни луѓе од Ф.Достоевски, Зајдисонце од И.Бабељ, Изгореница од В.Аксјонов и др. Добитник е на наградите Рациново признание за проза и Кирил Пејчиновиќ за превод, кко и на низа други признанија и награди за своето бележито прозно и севкупно творештво, со кое засекогаш ќе зазема високо место во македонската книжевност, но и во колективната национална меморија на македонскиот народ.