Коментари

Круме Кепески ја развиваше свеста на Македонецот за македонскиот идентитет и јазик, јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум

На 8 април 2025 година, по повод 116-тата годишнина од раѓањето на првиот современ македонски граматичар Круме Кепески (8 април 1909 во Прилеп, — 3 ноември 1988 во Скопје), во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп беше претставена книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, приредена од проф. д-р Јованка Кепеска, ќерка на Круме Кепески, како издание на „Македоника […]

На 8 април 2025 година, по повод 116-тата годишнина од раѓањето на првиот современ македонски граматичар Круме Кепески (8 април 1909 во Прилеп, — 3 ноември 1988 во Скопје), во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп беше претставена книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, приредена од проф. д-р Јованка Кепеска, ќерка на Круме Кепески, како издание на „Македоника литера“. „Необјавените страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“ содржи материјали од оставината на основоположникот на македонското граматичарство, авторот на првата македонска граматика, истакнат македонист, педагог, учебникар, методичар, преведувач, собирач на народни умотворби. Како воведничар за книгата зборуваше проф. д-р Симона Груевска-Маџоска, претседател на Советот за македонски јазик. Кон делото на Круме Кепески се осврна Слободан Беличански од името на Друштвото за наука и уметност во Прилеп.

Груевска-Маџоска: Истражувачите на македонскиот јазик треба да го проучат дополнително творештвото на Кепески, за да се утврди неговото значење во поширок контекст

Во воведната реч, со која истапи Симона Груевска-Маџоска, покрај другото, посочува: „Во предговорот со наслов ‘Научниот придонес на проф. Круме Кепески за развојот на македонскиот литературен јазик’ приредувачот проф. д-р Јованка Кепеска, ќерка на Круме Кепески, пишува и за неговите научни определби, односно дека основите, од кои тој тргнал, биле ‘македонското народно творештво, говорното богатство и говорната јазична реалност’. Во врска со неговото граматичарско дело, Кепеска го истакнува трудот ‘Прилепскиот говор’ на Кепески, ‘во кој е дадена граматичката структура на прилепскиот во споредба со битолскиот говор, одбранет како професорски труд во Белград, во раната пролет 1941 година’. Како што истакнува таа, во тој труд ‘прилепскиот говор е наречен македонски и ја изразува неговата македонска структура’. Врз основа на овој труд, Кепески се зафаќа со пишување на граматиката, која била објавена на 26.1.1946 година, во која ‘се дадени за првпат научните основи на македонскиот литературен јазик, со што македонскиот јазик се поместува како рамноправен член во јазичното семејство на славјанските јазици’. Круме Кепески е еден од најистакнатите проучувачи и афирматори на македонскиот јазик.“

„Неговото место во историјата е обезбедено како на автор на првата македонска граматика во 1946 година, со што се заокружи кодификацијата на македонскиот стандарден јазик по објавувањето на азбуката и правописот во 1945 година. Но, неговото творештво треба да биде и дополнително проучено од страна на истражувачите на македонскиот јазик за да се утврди неговото значење во поширок контекст.“ – нагласи проф. д-р Симона Груевска-Маџоска, претседател на Советот за македонски јазик, во својата реч на претставувањето на книгата „Необјавените страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“.

Инаку, во книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“ се објавени текстови за развојот на македонскиот литературен јазик; обраќања при одбележувањата на годишнини од првата македонска граматика; текстови од методиката, историјата на македонскиот јазик, за изучувањето на македонскиот јазик на Учителскиот институт во Горна Џумаја (Благоевград) во 1947/48 година, за развојот на други литературни јазици, собрани материјали за населението и границите на Македонија, белешки за карактеристиките на македонскиот јазик, како и текстови за некои културни обележја и историски моменти на македонските градови и села. Оваа книга е втора со оставината на Круме Кепески, во издание на „Македоника литера“. Првата книга со наслов „Статии и анализи за македонскиот јазик“ е објавена во 2014 година.

Творештвото на Кепески – придонес кон развивањето на свеста на Македонецот за својот македонски јазик и македонска национална идентификација

Авторот на овие редови го нагласува фактот дека Круме Кепески се здобил со лингвистичка наобразба уште пред официјалната кодификација на македонскиот јазик, кога и ја започнал својата културна дејност во прилог на осмислување на македонистиката во рамките на славистиката. Во својата лингвистичка дејност тој го поимаше македонскиот јазик како еден од основните и главни предуслови за македонската национална идентификација. Со своето севкупно творештво Кепески придонесе да се изгради моќен бедем пред негаторите не само на постоењето на македонскиот јазик, туку и на македонската самобитност и идентитет. Граматиката на Круме Кепески на македонскиот книжевен јазик е негов своевиден аманет, што им го остави на сите наредни македонски поколенија.

Во ваков контекст професорката Снежана Веновска-Антевска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ја има нагласено улогата на овој јазичар од еден многу важен аспект: „Најважната улога на неговата граматика е што ја разви свеста на Македонецот за сопствениот литературен јазик, а со тоа и за сопствената националност. Можеби е затоа поставеноста на јазикот на прво место при националната идентификација заедно со чувството за припадност кон македонското. Таков израз на идентитетот побуди оваа прва граматика на македонскиот јазик.“

Кепески: Се одѕвав на апелот на Крсте Мисирков и Ѓорѓи Пулевски за јазикот мајкин македонски да му помогнам на својот народ

Авторот на првата македонска граматика за својот најзначаен придонес кон македонскиот јазик многу јасно укажал каков патриотски долг почувствувал во врска со создавањето на неговото знаменито дело: „Самоиницијативно, чувствувајќи патриотски долг да му помогнам на својот народ, се одзвав на апелот од Крсте Мисирков кој вели: ‘македонската интелигенција требит да зборуат меѓу себе на централното наречје и тоа наречје имат да бидит литературен јазик на Македонците’, како и на апелот на Ѓорѓи Пулевски: ‘људи учени који го познавајет јазикот мајкин да се соберат и состават граматика’, и се зафатив со пишување на првава Граматика на македонскиот литературен јазик.“ Овие негови зборови се цитирани во книгата „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, приредена од проф. д-р Јованка Кепеска.

На 26 јануари во 1946 година изглегла од печат првата Граматика на македонскиот јазик, напишана од Кепески. Од национален и јазичен аспект таа граматика е еден од најзначајните моменти во поновата македонска национална и јазична историја. Ова јазично дело се појавува во време кога народот ги чинел првите обиди да зборува литературно. Со неа се покажува посебната структура на македонскиот јазик. Граматиката на Кепески веднаш нашла соодветна примена во практиката, особено во образованието па и пошироко во сите комуникациски сфери, администрацијата, културата. Била наменета и за за сите, што сакале да го научат македонскиот јазик. Граматиката на Кепески им служела и на децата-бегалци од Егејска Македонија.

Кепески: „Ја пишував граматиката на македонскиот јазик, на јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум“

Во врска со пишувањето на својата граматика Кепески посочил со какви тешкотии се соочувал: „Почнав во февруари 1945 година, па се сретнав со големи тешкотии, зашто тогаш не беше подготвен правописот, а се дискутираше и за азбуката. Почнав да ја пишувам граматиката и пред да се обнароди правописот и пред да се прокламира азбуката. …Доста ми помогна моето познавање на старословенскиот јазик, а и некои изучувања, што ги имав вршено за прилепскиот и за битолскиот говор. Конечно, тоа беше македонскиот јазик, јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, јазик што јас го познавав.“

Исклучително големо значење имаат и трудовите на Кепески од областа на терминологијата на македонскиот јазик, неговите преводи на македонски јазик, како и собираните македонски народни умотворби, со што се надоврзувал на традициите и на Марко Цепенков. Голем е и придонесот на Круме Кепески во педагошката практика по македонски јазик, бидејќи тој работел и како професор по македонски јазик. Неговата наставно-научна дејност е остварена првенствено на Педагошката академија во Скопје. Во својата образовна практика како професор тој бил еден од првите профилирани методичари на наставата по македонски јазик и литература.

Свето Тоевски

Најчитани вести

Нема вести со доволно читања во последните 7 дена.

To top