Експерти за храна кои инсистираат на анонимност тврдат дека ако запленетите 37 тони јаткасти плодови со истечен рок на употреба кои ги најде Агенцијата за храна и ветерина содржеле афлатоксини во опасност се илјадници македонски граѓани.
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) неделава, при спроведена вонредна контрола кај оператор со храна, запленија и нештетно уништија приближно 37 тони храна, јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини, без декларации и на кои рокот на употреба им бил истечен од една до две години. За сторениот прекршок на операторот, изречена му е мерка времена забрана за работа и глоба, како и наредба за отстранување на утврдените недоследности со надзорот.
Операторот засега не одговара и за некое дело поврзано со предизвикување на штетни здравствени последици за граѓаните кои можат да бидат и со смртни последици.
Ако операторот продавал стари јаткасти плодови кои можат да содржат отровни супстанци афлатоксини тој може да одговара и кривично заради можната штета врз здравјето на граѓаните.
Според документ од АХВ од 2022 година постои ризик од афлатоксини во млеко, млечни производи, јаткасти плодови, производи од јаткасто овошје и семиња. Оваа информација е добиена од Годишниот извештај на АХВ за 2022 година, документ кој е достапен за преземање од официјална веб-страница: www.fva.gov.mk.
АХВ неделава спроведе вонредни контроли и кај други оператори со храна – месарници, ресторани, сендвичарници, маркети, за што заради утврдени недоследности (нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителени обуки на вработените за безбедност на храната, пуштање во промет на небезбедна храна и слично), на операторите со храна и на нивните одговорни лица им изрече парични казни, но и времени забрани за вршење на дејност. Издадени беа и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затекнатата небезбедна храна беше нештетно уништенa.
Засега нема информации дали за уништената храна е направена проверка за присуство на опасните афлатоксини.
Што се афлатоксини и како настануваат
Афлатоксините се отровни, доведуваат до аномалии, оштетувања и промени во живите организми и се високо канцерогени, па спаѓаат во најризичната и најпознатата група микотоксини, пишуваат експертите.
Афлатоксините се одбранбени супстанции кои ги произведуваат габите Aspergillus (особено Aspergillus flavus и Aspergillus parasiticus) кои се наоѓаат насекаде во природата бидејќи нивните спори се пренесуваат преку воздухот. Се создаваат на земјоделските посеви, значи уште на нивите, но и при жетва, транспорт, во магацини, како и при преработка на житарките. Најчесто се појавуваат во пченката, сојата, сончогледот, млекото и млечните производи, месото, лешниците, бадемите, семките од тиква, оризот, сувото овошје, зачините…
Во стручната јавност најмногу се зборува за афлатоксините B1, B2, G1, G2, M1 и M2, од кои B1 е најтоксичен. Тој е канцероген и може да се најде во непреработените житарки, но не и во млекото, додека, на пример, афлатоксините М1 и М2 можат да се појават во млекото. Тие два афлатоксина, според официјалните податоци, веројатно се канцерогени за луѓето, додека кај животните канцерогеноста е докажана.
Ознаките на афлатоксините покажуваат каква боја се под УВ зраците, така што ознаката B е за сина (англиски – blue), G е за зелена (англиски – green), а ознаката М значи дека може да се најде во млекото (англиски-milk).
„Болеста на мисирките“ (Turkey X disease), која покосила 100.000 мисирки во Велика Британија во 1960 година, довела до првото спомнување на афлатоксинот. Причина за болеста било контаминираното брашно од кикирики со кое се хранеле мисирките, во кое била пронајдена габата Aspergillus flavus, а со тоа и откриен афлатоксинот.
Според податоците од стручната литература, околу 25% од вкупното производство на житарки во светот е заразено со најмалку еден микотоксин, меѓу кои се и афлатоксините.
Најдобри услови за создавање на афлатоксин се високите температури, од 25 до 42 Целзиусови степени, со ниска влажност на воздухот. Затоа, долгите суви лета се совршени за појава на афлатоксини, не само затоа што временските услови се соодветни за нив, туку и затоа што тогаш семките од житарките често пукаат, а мувлата лесно се „фаќа“ во пукнатините. Покрај тоа, мувлата што произведува афлатоксин може да се најде и во добиточната храна, како што е сеното.
Дозволени вредности на афлатоксин во прехранбените производи
Според стандардите на Европската Унија, кога се работи за афлатоксинот B1, дозволената граница е 0,002 микрограми на килограм во различни намирници, а кога се работи за суво овошје, пченка, зачини, масло, јаткасти плодови и ориз, тогаш е помеѓу 0,002 и 0,012.
За збирот на афлатоксини B1, B2, G1 и G2, дозволената количина е 0,004 за различни намирници, односно од 0,004 до 0,015 микрограми на килограм за суво овошје, пченка, зачини, масло, јаткасти плодови и ориз.
За афлатоксинот М1 дозволената граница е 0,05 микрограми на килограм кога се работи за фабрички преработено млеко, додека границата во детската храна е 0,025, пренесува Agromedia.
Како да ги заштитиме посевите од афлатоксин?
Сè уште не е пронајден целосен начин за спречување на појавата на афлатоксини во житарките, како ни најдобрата процедура за отстранување на микотоксините од контаминираната храна.
Сепак, експертите советуваат:
-сеење на поотпорни сорти на житни култури;
-жетва во најдобри можни временски услови;
-заштита на житарките од напади на инсекти, кои создаваат пукнатини погодни за формирање на габи кои произведуваат афлатоксини;
-подготовка на складиштата пред внесување на житарките
-редовно одржување на складиштето.
Афлатоксините се термички стабилни, па затоа во прехранбената индустрија за чистење на храната од нив се користат машини кои ја третираат храната со натриум хипохлорит и слични хемиски процедури. Прочистувањето се потврдува со течна хроматографија со флуоресцентна детекција.