Македонија

Ацо Ристов предлогот за наследник на Марко Бислимоски за прв човек на РКЕ

Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој на последните локални избори не се бореше за уште еден мандат, денеска со седум гласа „за“, два против и ниеден глас воздржан беше изгласан од членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата како предлог за нов претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Поранешниот градоначалник на Општина Радовиш, Ацо Ристов е предлогот за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), откако Марко Бислимоски, кој заработи кривична пријава од Управата за финансиска полиција, поднесе оставка. Тој е дипломиран електроинженер со долгогодишно раководно искуство во енергетиката, хидроенергијата,
водоснабдувањето, третман на води, рударство и инфраструктурни системи.

На огласот за нов претседател на РКЕ, беше пријавен и Шамил Реџепи од Тетово, кој е магистер по економски науки и работи во РКЕ од 2004 година. Предлогот Ристов да биде нов претседател на РКЕ денеска беше изгласан на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Сега истиот треба да оди на пленарна седница и да биде изгласан од пратениците. Ристов беше градоначалник на Општина Радовиш во периодот од 2021 до 2025 година.

Според јавно достапните биографски податоци, Ристов е роден во 1966 година во Радовиш, дипломиран електроинженер и човек што повеќе од три децении работи во енергетиката и електроинженерството. Во политиката е најпрепознатлив како градоначалник на Радовиш во периодот 2021–2025, а во јавноста одамна е врзан и со ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови дојде и на локалната функција.

Но неговиот профил не е само политички. Ристов доаѓа и од приватниот енергетски бизнис. Компанијата „Алфа Инжинеринг“, основана во 2000 година во Радовиш, работи во индустриско и електроинженерство, водоснабдување, обновливи извори, градежни и автоматизациски системи. Тоа значи дека кандидатот за шеф на РКЕ не доаѓа од внатрешноста на регулаторот, туку од спојот меѓу инженерството, проектантството, локалната власт и бизнисот. Токму тука и почнува суштинското прашање околу неговата кандидатура: не дали има техничко познавање, туку дали ќе може да делува како независен регулатор, а не како човек од секторот што треба да го надгледува.

Најнови вести од: Македонија

To top