Македонија

АВМУ бара ТВ24 да не изнесува неосновани квалификации за независното регулаторно тело

Ваквото однесување на ТВ 24 е
спротивно на основната обврска на медиумот да ја информира јавноста точно, целосно и објективно

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги отфрла како неточни
и тенденциозни наводите со кои ТВ 24 Вести се обидува да создаде впечаток во јавноста дека Агенцијата
незаконски ги доверувала изработките на студиите за утврдување на оправданоста за објавување јавен
конкурс за телевизија на надворешни субјекти и дека со тоа ги злоупотребувала своите законски
надлежности.

Агенцијата информира дака студиите се стручно изработени и се засноваат на релевантни стручни и методолошки основи а тоа што нивните наоди и резултати не одговараат на очекувањата и интересите на ТВ 24 Вести не може да биде
причина оваа телевизија во континуитет селективно да презентира одделни факти и околности и на тој начин да ја доведува јавноста во заблуда за постапувањето на Агенцијата.

Телевизија 24 вчера објави дека поднесла кривична пријава против Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Кривичната пријава е поради наводно постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, како и спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата. Правниот тим на Телевизија 24 до истражните органи доставил и барање да се испита постоењето на кривичното дело – злосторничко здружување и на други кривични дела за кои се гони по службена должност.

,,Ваквото однесување е
спротивно на основната обврска на медиумот да ја информира јавноста точно, целосно и објективно. За целосно и точно информирање на јавноста, потребно е да се појасни дека Агенцијата и во претходни години, спроведувала постапки за набавка на услуги за изработка на студии, согласно Законот за јавните
набавки, се вели во реакцијата на АВМУ од каде потсетуваат дека овие постапки биле предмет на ревизија од надлежна институција без при тоа да биде утврдена слабост во постапувањето на Агенцијата.

,,Истите, беа и предмет на неколку судски постапки иницирани од
ТВ 24 Вести, при што во претходните постапки Управниот суд ја потврдил законитоста на постапувањето
на Агенцијата.
Оттука, неточни и неосновани се наводите дека самото ангажирање на надворешни субјекти за изработка на студии претставувало незаконско постапување. Напротив, во претходни постапки, и Управниот суд и Вишиот управен суд потврдиле дека ваквото постапување на Агенцијата било во согласност со закон”, стои во реакцијата во која се додава дека во последната судска постапка, судот дал правно мислење дека студиите од овој вид во иднина треба да
ги изработува самата Агенција, по што Агенцијата постапила согласно со таквата одлука.

Оваа одлука според мислењето не значи дека претходното ангажирање на надворешни субјекти било незаконско, ниту пак дека со таквото постапување настанала злоупотреба на службената положба, финансиска малверзација или
финансиска штета за Агенцијата.

Особено е важно да се нагласи дека во објавените информации се остава впечаток дека одлуките за прашањата поврзани со објавувањето јавни конкурси ги носи директорот на Агенцијата што не одговара на законската поставеност.

,,Согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, одлуките од надлежност на Агенцијата ги донесува Советот на Агенцијата, на предлог на директорот, во рамките на
неговите законски овластувања.
Во однос на поднесената кривична пријава, Агенцијата нема да прејудицира постапки што се во надлежност
на други институции. За нив, можат да одлучуваат исклучиво надлежните институции, во соодветна
постапка и врз основа на утврдени факти и докази. До тогаш, изнесувањето на неосновани квалификации
за наводна вина или незаконско постапување претставува прејудицирање и неоправдано нанесување
штета на угледот на Агенцијата како независно регулаторно тело“, се вели во соопштението за јавност од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Најнови вести од: Македонија

Моќната одбрана на Анатол Франс на Македонците во 1903 – европско „бетонирање“ на идентитетот наспроти бугарско-грчките оспорувања (1)

„Во Македонија турските војници и чиновници масакрираат селани и ги силуваат нивните ќерки и жени. Овие злосторства, извршени за срам на Европа, мора да бидат казнети од Европа. Загрижени сме за судбината на Ерменците и Македонците, не затоа што се христијани, туку затоа што се човечки суштества. Како гаранција за нивното спасение и заради воспоставување сеопшт мир, бараме целосно спроведување на Берлинскиот договор во однос на Ерменија и Македонија. “ – истакнал францускиот писател Анатол Франс во својот знаменит говор, одржан на 18 март 1903 година во Париз на собир, заради поддршка на Ерменија и Македонија. Со тоа уште пред 123 години во срцето на Франција и Европа овој великан на интелектуална Франција едновремено изнесува и моќна потврда на идентитетот на македонскиот народ. Но искажува и заложба за македонска државност и политичка самостојност согласно со Берлинскиот договор од 1878 година, особено во однос на Бугарија и Грција – денешните најжестоки негатори на Македонија и Македонците. Денес се навршуваат 102 години од смртта на овој бележит Француз – бескомпромисен борец и за македонската вистина среде Европа. Оваа годишнина е соодветен повод за ново навраќање кон неговото промакедонско дело, со кое тој трајно заслужува посебно место во колективното паметење на македонскиот народ. Чествувањето на Анатол Франс е чествување и на самите нас како народ со своја самобитност и македонски идентитет.

To top