Со пораки против насилството врз жените, фемицидите и институционалното молчење, граѓани денеска излегоа на мирен протест во Охрид. „Ниту една повеќе“, „Охрид не молчит“ и „Нема да ви ќутиме“ беа дел од пораките со кои демонстрантите побараа поголема заштита на жените и девојките и одговорност од институциите.
Собирот се одржа по тешкиот напад врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, која на 15 ноември беше физички нападната од нејзиниот партнер, 31-годишниот Кристијан Корабоски. Според информациите од полицијата, нападот се случил по расправија што започнала во домот на осомничениот, а продолжила во неговиот автомобил. Девојката била нападната и во возилото и откако тој го запрел, при што изгубила свест.
Учесниците го започнаа протестот на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“, а потоа се упатија низ охридската чаршија кон зградата на СВР Охрид, Основното јавно обвинителство и Основниот суд. Со транспарентот „Охрид не молчит“ и скандирањата „Ниту една повеќе“ и „Нема да ви ќутиме“, граѓаните порачаа дека насилството не смее да се третира како приватен проблем и дека секоја пријава мора да добие навремена институционална реакција.
На протестот присуствуваше и таткото на Сара, Љупчо Ѓорѓиески, кој покажа фотографија од својата ќерка со видливи повреди на лицето. Тој упати порака до сите родители да не го доживеат она што го поминало неговото семејство.
- Моја желба е ниту еден родител да не го види вакво своето дете и да не го доживее тоа што му се случи на моето семејство – порача Ѓорѓиески.
Меѓу демонстрантите имаше и граѓани кои дојдоа да им дадат поддршка на жените и девојките, но и да ја изразат сопствената загриженост за безбедноста на своите најблиски.
- Дојдов да изразам поддршка за сите девојки, млади жени. Совесно е секој да го направи истото, да се стави крај на ова дивеење. Од револт, од грижа. Не се чувствувам сигурно за мојата ќерка, за мојата жена. Не сакам ова да му се случи на некој друг и тука сум да ги поддржам сите родители кои имаат деца и не сакаат да дојде до ваква ситуација – изјави еден од учесниците.
Меѓу барањата на протестот беа навремено постапување по пријавите за насилство, ефикасни истраги, одговорност и заштита на жртвите. Организаторите порачаа дека молкот го штити насилството и дека не сакаат нови жртви.